Connect with us

Вести

Судење за „Пулс“: Поранешен општински секретар сведочеше за координацијата со инспекциите служби во Кочани

Со сведочење за функционирањето на инспекциските служби и нивната координација со општинската администрација, денеска продолжи судската постапка за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. На рочиштето во судницата во „Идризово“ сведочеше поранешниот главен секретар на Општина Кочани, Александар Јосифов, кој изјави дека во периодот од 2017 до 2021 година, и покрај постоењето повеќе инспекциски служби, во Општината немало раководител на инспекциски служби.

Сведокот Јосифов, кој бил главен секретар во Општина Кочани во мандатот на градоначалникот Николчо Илиев, на денешното рочиште изјави дека во тие години функционирале три инспекциски служби – комунална, животна средина, градежен инспекторат и подоцна се вработил и сообраќаен инспектор, но немало раководител на инспекциски служби. 

Сведокот појасни дека како општински секретар бил задолжен за организација и координација со секторите во Општината и поддршка на градоначалникот за секојдневните работни обврски. 

Директна одговорност со инспекциските служби сведокот Јосифов рече дека немале, но им биле поддршка, на пример, ако имаат потреба за користење возило или слично. 

– Јас ги потпишував тие налози за возилата. Природата на нивната работа беше да бидат на терен и тоа потпишување беше еднаш за цела недела – појасни сведокот. 

Сведокот рече во првите две години инспекциските служби доставувале извештаи за работата до Советот на Општина Кочани, а од 2019 такви извештаи не се доставувале, со образложение дека се направени законски измени. 

– Во 2018/2019 доставуваат извештаи, а потоа не, со образложение дека има законски измени. Не даваат отчет пред никого, беа контролирани од инспекторатот во својата област, на пример, инспектор за животна средина од Инспекторат за животна средина – појасни сведокот. 

На прашање од одбраната дека Општината во тоа време немала инспектор за противпожарна заштита, сведокот рече „не“, посочувајќи дека таква надлежност нема ниту Општината. 

На прашање од обвинетиот општински градежен инспектор Огњен Георгиев дали е точно дека тие постојано комуницирале со градоначалникот и со него како општински секретар, сведокот рече дека комуникација имало, но чисто како помош, а не како контрола. 

– Комуникацијата постоеше. Јас со инспекторот што прашува немав многу, но со тој до него повеќе. На пример, доколку забележат при нивната работа некоја дивоградба, да побараат багер или механизација за нивно отстранување. Тој се обраќаше до нас да се обезбеди тоа. Таква координација постоеше. Чисто како помош, а не како контрола – појасни сведокот. 

Прашан дали тој градежен инспектор можел да закаже уривање без знаење на градоначалникот или секретарот на Општината, сведокот рече процесот на отстранување дивоградби е преку овластена фирма по систем на јавна набавка. 

– Нормално, ако има такво барање од инспектор до секторот, Општината може да организира јавна набавка за избор на форма за отстранување. Додека јас бев во Општината, таква фирма не беше избрана зашто никој не се јавуваше – рече сведокот. 

Обвинетиот Љупчо Стаменов го праша сведокот Александар Јосифов дали тој како општински секретар му дал отказ како општински градежен инспектор во 2021 година, сведокот појасни и дека единствен градежен инспектор првин бил Огнен, но поради зголемен обем на работан во 2019 бил вработен и инспекторот Николчо Коцев. 

– Господинот, кој зборуваше, беше со завршен Градежен факултет и изрази интерес, но за инспектор мора да има лиценца и положен испит. За тој период тој беше вработен во комуналното претпријатие и задолжен како поддршка на инспекторот. Но, во никој случај не може да извршува работа на инспектор без лиценца. Тој во меѓувреме полагаше и падна и неговиот привремен договор беше раскинат – рече сведокот. 

Прашан од одбраната дали додека бил вработен во Општина Кочани, била добиена пријава за работата на дискотеката „Пулс“, сведокот рече „не, таква пријава немало“.

На директно прашање од обвинетиот Николчо Илиев дали додека бил вработен во Општина Кочани имале инспекции и контроли, сведокот рече „да“, посочувајќи дека немало никакви забелешки за работата на Општината. 

– Да, за целиот период доаѓале контроли од инспекциски служби, а во 2019/2020 имавме и контрола од Државниот завод за ревизија. Немаше никакви забелешки. Тоа е јавно достапна информација и може да ја видите – рече сведокот. 

Прашан кој ги донесува, а кој ги изработува годишните и месечни планови за работа на инспекциските служби, сведокот рече дека не знае точно. 

– Ги изработуваат целосно инспекциските служби и ги доставуваат на потпис на градоначалникот. Колку што мене ми е познато, инспекторите сами ги составуваат извештаите и потоа само ги доставуваат до градоначалникот – појасни сведокот. 

Прашан дали додека бил во Општина Кочани пристигнало барање за пренамена или реновирање од „Класик М“ или дискотеката „Пулс“, сведокот рече „не, такво барање немаше“. 

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со сослушување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2