Connect with us

Култура

Траума на бројни Македонци заради идеолошки, политички причини – промовирана монографијата за Голи Оток од Виолета Ачкоска

Монографијата за Голи Оток зборува за траумата на бројни Македонци кои заради идеолошки, политички причини, биле испратени на Голи Оток. Таму се умирало, имало и бројни самоубиства, бројни завршувања во психијатриски болници, бројни жртви кои во текот на транспортот до Голи Оток биле убиени. Меѓу нив имало и жени. Ова го истакна во изјава за МИА, Виолета Ачкоска, чија монографија „Време на прекршувања – време на Голи Оток“, беше промовирана вечерва во Скопје.

– Темата за Голи Оток е една многу комплексна тема, што, до деведесетите години, беше табу тема во македонската историографија. Оваа тема ја истражувам уште од осумдесетите години на дваесеттиот век, кога почнав да работам колективизацијата на селото. Бидејќи колективизацијата на селото, е една од најтешките последици од овој период. Период на Голи Оток, или период на прекршување, како што јас го нарекувам, појасни Ачкоска.

Истражувајќи за аграрната историја, дошла до репресијата на оние, кои се спротивставувале на тогашната воспоставена матрица, Тито или Сталин. Тоа, вели Ачкоска, било такво време, ако си за Тито си против Сталин или обратно.

Мотиви, рече, можеби има многу. Има две пораки, што треба да се пренесуваат, како поука.

– Мора да се почитува правната држава, законите. Тоа време на прекршување е време во кое се прекршува правната држава. Луѓето се судат, заради некаква општествена штетност, а не за кривично дело. Тоа е многу страшен преседан. Втората поука, е, во услови кога многу работи се менуваат, човекот да остане човек, да не се претвори во ѕвер, заради интереси, заради кариера и слично. Да се сочува човечноста, нагласи Ачкоска.

Таа појасни дека обработува многу личности, кои го претрпеле тоа општествено превоспитување на Голи Оток.

– Нивните судбини се навистина трогателни. Посебно се трогателни судбините на жените информбировки, кои малку се зафатени во македонската историографија. Но, обично жените го премолчувале тоа, бидејќи го чувствувале како огромен срам, семејствата им се растурале, одделени од децата и слично. Нивните трауми се многу страшни, како мајки и како жени. Во книгата има посебен дел да се види и таа женска судбина што се случувала на Голи Оток, истакна авторката.

Таа додаде дека покрај тоа што таму се умирало, имало и бројни самоубиства, бројни завршувања во психијатриски болници, бројни жртви кои во текот на транспортот до Голи Оток биле убиени. Патем појасни дека пишува и за Македонците кои биле затворени во таканаречената „Петрова рупа“, дупка на Голи Оток, или логор во логорот, кои биле сметани за најопасни.

Ачкоска подвлече дека пишува за едно многу тешко време, за траумата што ја доживувале бројни Македонци заради идеолошки, политички причини. Но, како што нагласи, повеќето од нив биле невини жртви на тоа време.

Промоцијата се одржа во Културно-информативниот центар. Книгата е во издание на издавачката куќа „Панили“.

Како што беше појаснето, монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ е резултат на повеќегодишни истражувања и во неа е отсликано едно специфично време на идеолошко-политички прекршувања на општествен план, но и на лични прекршувања на луѓето кои не можеле да се снајдат во силните пресврти што се случувале во рамките на нападот на „Информационото биро на комунистичките и работничките партии“ врз Комунистичката партија на Југославија (1948-1956).

Притоа беше кажано дека преку користење документи и литература од различна провиниенција, во трудот се анализира времето на почетоците на Студената војна и формирањето на ИБ, судирот Сталин-Тито, начините на справување со приврзаниците на СССР и ИБ, системот на „општествено превоспитување“ и судбината на Македонците на Голи Оток и во другите логори за „информбировци“, и на крај, процесот на десталинизација и рехабилитација.

– Во рамките на достапната документација и различна литература, избрана е онаа, која на најсоодветен начин и најаргументирано, ги претставува тогашните случувања и главните актери кои или ја креирале дадената политика или биле жртви на истата. Иако голем дел од документацијата за ова време е уништена, а сведоците не се меѓу живите, авторката успеала со критичка анализа на бројни полициски досијеа, архивски записи, документи од  домашните архиви и архивите во Белград, Љубљана и Софија, документите на ЦИА, мемоарска и друга литература и сеќавања на дел од „информбировците“ или нивните потомци, да направи историски веродостојна реконструкција на историските појави и процеси и да расветли одделни нерасветлени моменти од тоа време. Бројните фусноти во трудот се дел од научниот потход и ги потврдуваат констатациите и заклучоците на авторката, беше споделено на промоцијата.

Виолета Ачкоска е доктор по историски науки, универзитетски професор во пензија.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1