Општини
Со 20 нови композиции продолжува да се негува македонската народна песна на „Фолк фест Валандово”
Општина Валандово вечер и утревечер ќе биде домаќин на 39. издание на „Фолк Фест Валандово”, во чии рамки се предвидува предфестивалска вечер со најпознатите рефрени на градскиот плоштад, а главниот настап со изведбата на новите композиции ќе биде во салата „Јанко Узунов“.
Годинашното издание, организаторите на најпозната манифестација која ја негува македонската народна песна, го најавуваат како едно од најдобрите во поновата историја на фестивалот, според продукциски, технички и визуелен аспект.
– Фолк Фест Валандово 2026 ја поставува валандовската фестивалска приказна на повисоко продукциско ниво, со современ сценски јазик и силно чувство на гордост кон македонската песна. Годинешниот слоган на фестивалот е „Да ни е жива песната македонска“, инспириран од рефрен на Војо Стојановски, отпеан токму на сцената во Валандово, велат организаторите.
Главната фестивалска вечер со 20 нови композиции кои за првпат ќе се изведат ќе биде емитувана со директен пренос на националната телевизија МТВ 1 со почеток во 20.30 часот.
На истата вечер е предвидено да биде доделена наградата за интерпретација „Никола Бадев“, една од најпрестижните награди на Фолк Фест Валандово, која по повод 50 години од смртта на доајенот на македонската народна музика, на сцената ќе ја додели неговата ќерка, Роска Бадева. Наградата за животно дело ќе ѝ биде доделено на Блага Петреска, една од најпрепознатливите и почитувани интерпретаторки на македонската народна музика
мај 26, 2026
