Connect with us

Живот

ЕЦДЦ: Сексуално преносливите болести достигнаа рекордни нивоа во Европа

Случаите на бактериски сексуално преносливи заболувања нагло се зголемија во Европа – соопшти денеска Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ЕЦДЦ).

Пријавените случаи на гонореја и сифилис достигнаа највисоко ниво за повеќе од една деценија во 2024 година, според здравствената агенција на Европската Унија со седиште во Солна, Шведска.

Официјално, во 14-те земји што обезбедија податоци регистриран е 106.331 случај на гонореја во 2024 година, што е зголемување за 303 отсто од 2015 година. Бројот на случаи на сифилис, пак, се зголемил повеќе од двојно во истиот период достигнувајќи 45.577 дијагнози. Кламидијата остана најчесто пријавувана сексуално пренослива инфекција со 213.443 случаи, соопшти ЕЦДЦ.

Бруно Чанчо од Центарот предупреди дека болестите што не се лекуваат може да доведат до сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи хронична болка и неплодност.

– Во случај на сифилис, компликациите може да влијаат и на срцето, крвните садови и на нервниот систем… Зголемувањето на случаите на сифилис пренесен од мајка на дете е особено загрижувачко, при што извештаите речиси се удвоија меѓу 2023 и 2024 година. Заштитата на вашето сексуално здравје останува едноставно. Користете кондоми со нов партнер или ако имате повеќе партнери и тестирајте се доколку имате симптоми, како што се болка, исцедок или чир – изјави Чанчо.

Мажите што имаат секс со мажи се убедливо најпогодената група од ваквите инфекции, особено од гонореја и сифилис, според ЕЦДЦ. Сифилисот станува сè почест и кај хетеросексуалните луѓе, особено кај жените во репродуктивна возраст.

ЕЦДЦ соопшти и дека пријавените случаи на сифилис пренесен од мајка на дете се зголемиле од 78 во 2023 година на 140 дијагнози во 2024 година.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1