Connect with us

Вести

Презентирана анализа за јавното мислење за работата на Собранието

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, замениците на генералната секретарка, Бобан Стојановски и Никола Ѓошевски, учествуваа на презентацијата на анализата на јавното мислење „Поглед на Собрание: перцепциите на граѓаните за работата на Собранието на Република Северна Македонија (2026)“ спроведена од Институт за демократија „Социета Цивилис“.

Анализата, како што информираат од Собранието, е подготвена во рамките на Програмата за парламентарна поддршка, проект на Владата на Швајцарската Конфедерација, под покровителство на Собранието и опфаќа теренска анкета за перцепциите на граѓаните за работа на Собранието за важни прашања како што се: членството во ЕУ, економските прашања и прашањата поврзани со владеењето на правото, транспарентноста на институциите, социјалната благосостојба.

На презентацијата учествуваа и амбасадорот на Амбасадата на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер, директорот на Националниот демократски институт за меѓународни прашања, Роберт Скот Хајзлет и претседателот на Институт за демократија „Социета Цивилис“, Марко Трошановски.

Милошоски, како што информираат од собраниската прес-служба, ја истакна важноста на перцепцијата на граѓаните за работата на Собранието и на пратениците, истакнувајќи дека довербата во институциите се гради преку транспарентност и постојана комуникација со јавноста. Тој посочи дека организирањето јавни дебати, јавни расправи и посети на граѓани во Собранието придонесува институцијата да биде поблиску до граѓаните и поотворена за нивните ставови и потреби. Воедно, Милошоски истакна дека значајна улога има и медиумската покриеност на овие активности, со цел јавноста навремено и објективно да биде информирана за работата на законодавниот дом.

Амбасадорот Зомер, посочи дека јавното мислење е многу битно, бидејќи тоа покажува како ефикасно да им се одговара на прашањата и барањата на граѓаните.

Анализата за јавното мислење за работата на Собранието ќе биде презентирана пред сите пратеници и пратенички групи во Собрание.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1