Култура
Заврши фестивалот „Пеце Атанасовски“: Гран при за „Седенка“ од Скопје, најдобар гајдаџија Дејан Лазаров од Кочанско
Фолклорниот ансамбл „Седенка“ од Скопје ја доби Гран при наградата, а наградата „Гајдата на Пеце“ ја доби Дејан Лазаров од Фолклорниот ансамбл „Осоговски извор“ од кочанското село Оризари на годинашниот 52. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Фестивалот заврши синоќа, а жири комисијата во состав професор д-р Родна Величковска, професор д-р Горанчо Ангелов и доцент д-р Стојанче Костов, додели и статуетки за најдобрите изведувачи на годинашниот фестивал.
– Среќен сум што ја добив наградата. Тоа е признание за толку години работа, настапи при Фолклорниот ансамбл „Осоговски извори“ од с. Оризари, Кочанско. Го формиравме пред четири години. На гајда почнав да свирам пред 14 години, а од три години сум со изворните инструменти. Тогаш прво почнав да свирам на тамбура. И до ден- денес активно се занимаам со свирење. Гајдата многу ме привлече со звуците, ги слушав гајдаџиите од нашиот крај, ја продолжив традицијата на мојата фамилија, рече Дејан Лазаров, годинашен добитник на највисоката награда на Фестивалот „Гајдата на Пеце“ што ја доделува општина Долнени.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Родна Величковска нагласува дека има многу млади гајдаџии, но и изведувачи на сите изворни инструменти и песни кои го чуваат традиционалното културно наследство.
– Доделивме награди, Гран при, „Гајдата на Пеце“ и десет статуетки, но сите заслужуваат почит и внимание за негувањето на изворниот мелос. Патуваа од сите краишта за да ги покажат умешноста и љубовта кон изворното. Ги оценувавме комплетните настапи изведби, па и носијата што ја претставуваа од својот крај, рече професор д-р Величковска.
Фестивалот „Пеце Атанасовски“ во петокот во Прилеп, синоќа во Долнени, се одржа по 52. пат. Годинава настапија околу 250 изведувачи во двете фестивалски вечери од сите краишта на земјава и нашинци од странство.
– Имавме уште едно успешно издание на Фестивалот „Пеце Атанасовски“. Имавме изведувачи од сите генерации и од сите краишта на Македонија кои го претставија својот изворен мелос од својот крај. Прекрасна беше соработка со учениците од долненското основно училиште „Пецо Даскало“ кои во Работилницата во рамките на Фестивалот ја учеа изворната музика и ја изведоа песната „Отидов село Долнени, рече Горан Василески, претседател на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“.
Годинава се навршуваат 100 години од раѓањето и 30 години од смртта на амбасадорот на македонскиот изворен мелос низ цел свет, Пеце Атанасовски чие име го носи Фестивалот.
мај 25, 2026

