Општини
Македонската Армија ќе ја презентира воената опрема, способноста на единицата и возилата во Штип
Македонската Армија в четврток на 28 мај на Градскиот стадион во Штип организира презентација на воена опрема, возила и способности на единиците.
Во соопштението од касарната „Јане Сандански“-Штип се вели дека на настанот кој се реализира по повод успешно реализираната вежба „Блесок 26“, во чии рамки се изврши оценување на борбената готовност (CREVAL) на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со дел од вооружувањето, опремата, возилата и способностите на Армијата, како и со дел од активностите кои секојдневно ги извршуваат припадниците на Армијата во исполнување на својата мисија.
– Дополнително ќе може да се проследи показна вежба (алпинистичка), реализирана од Извидувачко-разузнавачкиот баталјон,показна вежба со службени кучиња, во реализација на Командата за обука и доктрини,показна вежба-боречки вештини, во реализација на Баталјонот на специјални сили, показна вежба-егзерцир, во реализација на Баталјонот за почести, како и приказ на наставни медицински помагала за изведување на медицинска обука и демонстрација на укажување на прва помош на повреден, во реализација на Военомедицинскиот центар, соопштуваат од касарната „Јане Сандански“-Штип.
На настанот, работна точка ќе има и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски “, Скопје каде граѓаните одблиску ќе може да се запознаат со можностите кои ги нуди оваа високо образовна
институција. Свој настап ќе има и Воениот оркестар на Армијата со изведба на музички дела со македонска тематика. Настанот на Градскиот стадион во Штип на 28 мај почнува од 10 часот.
мај 26, 2026
