Connect with us

Вести

Муцунски со одговор до Филипче: Преговорите со ЕУ не се блокирани, зашто никогаш и не започнаа

    Венко Филипче денеска повторно зборуваше за преговорите со ЕУ, како тие да се блокирани. Но вистината е тажна и едноставна – благодарение на СДС и ДУИ, тие преговори не можат да бидат блокирани, затоа што никогаш и не започнаа, му реплицира шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски на денешната изјава на лидерот на СДСМ дека власта не сака да почната преговорите со ЕУ не прави ништо за деблоката на процесот на евроинтеграција на државата.

    Од нас нема да слушнете големи зборови без покритие и празни чекори во сегашноста. Нашата задача не е да нудиме изговори, туку резултати. Затоа ја движиме државата напред – таму каде што ѝ припаѓа: во Европа. И тоа не е слоган, туку реалност што ја градиме преку конкретни проекти: бесплатен роаминг за нашите граѓани во ЕУ, зелени ленти за нашите превозници, пристап до европскиот единствен систем за плаќање, партнерство во безбедноста и одбраната со ЕУ. Тоа се вистински реформи, а не празни флоскули.

    Оттука, Венко е во право: зборувам и работам и за поевтин роаминг за македонските граѓани. Но зборувам и за зачуван идентитет, достоинство и гордост. И да, не зборувам за виткање кичма, за администратори, за договори под маса, за прифаќање уцени или ултиматуми, како што тие го правеа тоа. Тука има разлика – и граѓаните ја гледаат таа разлика.

    И токму затоа ја повикувам опозицијата да дејствува рационално и разумно. Да не штети на европскиот процес, туку да помогне преку реформите дома. Затоа што ова не е борба за лични или партиски интереси. Ова е борба за граѓаните, за државата, за иднината. И ќе напредуваме само ако сите заедно ги ставиме државните пред партиските интереси, наведува Муцунски во реакцијата објавена на неговиот фејсбук профил.