Општини
Тарик Семси, по потекло од Жупа, во трка за советник во Општинскиот совет на Венеција
Дваесет и осум годишниот Тарик Семси, по потекло од Македонија, од турската етничка припадност, поточно од село Коџаџик – Центар Жупа, а живее во Италија, е кандидат за советник во општискиот совет на Венеција, што е прв Македонец и воопшто странец кој се нашол на кандидатска листа за советници во овој познат италијански град.
Дипломирал архитектура на престижниот универзитет во Венеција, оженет е и е татко на едно дете.
Во трката на локалните избори, што ќе се одржат на 24 и 25 мај, тој е на независната листа на кандидатот за градоначалник, Симоне Вентурини, познат адвокат, поддржан од италијанската десница.
-Тарик е прекрасно и вредно момче. Со неговата подготвеност верувам дека ќе придонесе многу за градот Венеција и секако за многубројната македонска заедница, за нашите драги пријатели и сограѓани по потекло од Македонија. Искрено веќе го гледам како советник во 36-члениот совет, рече кусо за МИА, Вентурини.
Инаку, Тарик е син на познатиот бизнисмен во Италија, Мунир Шемси, по потекло од село Коџаџик, Општина Центар Жупа. Тој е познат филантроп, кој со донации помага како во Италија, уште повеќе во матичната земја.
-Горд сум на мојот син и верувам во успех на изборите, со поддршка и на сите Македонци кои живеат во оваа општина. Убеден см дека ќе испишеме историја, бидејќи ова е првпат во историјата да влезе странец во Советот на градот Венеција, вели за МИА, неговиот татко Мунир.
И нашинците кои живеат во Венеција сметаат дека Tарик заслужува да влезе во Советот и оти ќе биде одличен пример за идните генерации.
април 2, 2026

