Општини
Истекува рокот за инвеститорите да поднесат иницијативи за изградба на енергетски објекти до општините
Рокот за поднесување иницијативи до единиците на локалната самоуправа за вклучување енергетски објекти со инсталирана моќност под 1 MW во општинските енергетски планови истекува денес, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Според Законот за енергетика и соодветниот правилник, општините се должни да ги разгледаат сите пристигнати иницијативи и да ги инкорпорираат во општинските енергетски планови, кои треба да ги достават до Министерството најдоцна до 15 мај 2026 година, за понатамошна постапка и издавање согласност.
Министерството потсетува дека рокот за поднесување иницијативи за енергетски објекти со инсталирана моќност еднаква или поголема од 1 MW, што се доставуваат директно до институцијата, е 1 јуни 2026 година.
– Министерството во изминатиот период активно работеше на зајакнување на капацитетите на општините за ефикасно спроведување на законската регулатива. Во таа насока, на 23 март 2026 година, во соработка со ЗЕЛС, беше реализирана обука за претставници од општините, на која беше презентиран Правилникот за формата, содржината и методологијата за изработка на општинскиот енергетски план, се наведува во соопштението на МЕРМС.
За време на обуката, стручните служби на Министерството дадоа насоки за примената на правилникот, одговорија на прашања и отворија дискусија за решавање на најчестите предизвици со кои локалните самоуправи се соочуваат при планирањето.
Министерството истакнува дека останува посветено на поддршка на општините и инвеститорите, со цел да се обезбеди транспарентен, ефикасен и одржлив процес на развој на енергетскиот сектор.
За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на: godisenplan@energy.gov.mk и inicijativi@energy.gov.mk.
април 2, 2026

