Свет
Германија: Посветеноста кон алијансата не е доведена во прашање
Портпаролот на германската влада денеска ја потврди посветеноста на Берлин кон членството во НАТО откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислува за повлекување на САД од алијансата.
– Не е првпат да го прави ова, и со оглед дека се повторува, веројатно самите можете да ги процените последиците. Не е на мене да ги коментирам зборовите на американскиот претседател. Сакам во име на германската влада да изјавам дека сме посветени на НАТО – изјави портпаролот.
Трамп претходно рече дека „сериозно размислува“ за повлекување на САД од НАТО откако другите членки на алијансата не се приклучиле на војната на САД и Израел против Иран.
Во интервју за „Телеграф“, Трамп го нарече НАТО „хартиен тигар“ додавајќи дека излегувањето на САД од оваа одбранбена алијанса веќе е повеќе од обично разгледување.
Според весникот, тоа претставува најсилен сигнал досега дека Белата куќа повеќе не ја гледа Европа како сигурен одбранбен партнер откако сојузниците го одбија барањето на Трамп да испратат воени бродови за повторно отворање на Ормуската Теснина.
На прашањето дали би го преиспитал членството на САД во алијансата по конфликтот, Трамп одговори дека тоа веќе ја надминало фазата на разгледување.
– НАТО никогаш не ме убедил. Отсекогаш знаев дека е хартиен тигар, а и (рускиот претседател Владимир) Путин го знае тоа – изјави претседателот на САД.
април 2, 2026

