Connect with us

Општини

Министерството за животна средина најави засилени контроли, регистар на загадувачи и подготовки за нови закони

Министерството за животна средина и просторно планирање денеска најави пакет засилени мерки со кои ќе се зајакне контролата врз индустриското загадување и ќе се подобри управувањето со природните ресурси, при што фокусот, како што беше нагласено, се префрла кон институциите и индустриските оператори. Централно место во најавите доби воспоставувањето на регистарот на загадувачи, нов систем кој ќе собира сигурни и споредливи податоци за емисиите, потрошувачката на енергија, вода и суровини, како и за преносот на отпад – инструмент што, според Министерството, ќе биде клучен за транспарентност и за зголемена одговорност на сите носители на А‑интегрирани еколошки дозволи.

Како што информира министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, новиот закон за индустриски емисии ќе стапи во сила во септември 2027 година. Во периодот што следува Министерството ќе организира средба со сите оператори што поседуваат А-интегрирана дозвола, со цел навремено информирање и подготовка за новите обврски. Најави и јавна расправа за новата дозвола на „Усје“, како и засилување на контролните механизми.

– Државната лабораторија се екипира. Надмината е пречката за нови вработувања, ангажиран е човек, се очекува уште еден да биде ангажиран – рече министерот. 

Една од клучните мерки што се подготвува е регистарот на загадувачи, кој ќе биде тема и на состанок со индустриските оператори во април. Регистарот ќе содржи податоци за емисии на загадувачи, пренос на отпад, потрошувачка на енергија, вода и суровини и ќе овозможи споредливи и сигурни информации.

– Ова не е само техничко решение, туку механизам за зголемена одговорност кај сите што имаат интегрирана еколошка дозвола – беше истакнато.

Дополнително, од Министерството појаснија дека регистарот ќе опфаќа мерења што ќе ги проследуваат самите индустрии.

Хоџа посочи дека институциите работат и на мерките за намалување на загадувањето од греењето. Во 21 јавен објект веќе е сменет системот за греење како дел од поширок процес, кој треба да опфати 70-ина објекти. Паралелно, потсети дека е активна и мерката за субвенционирање инвертер-клими, со која 4.700 домаќинства ќе добијат уреди со повисока енергетска ефикасност.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3