Општини
Општина Новаци слави 30 години од денот на основањето
Општина Новаци денеска слави 30 години од денот на основањето како посебна и самостојна општина, а на денот на големиот јубилеј промовира нови проекти поддржани од Министерството за локална самоуправа.
На свеченоста во Општина Новаци, градоначалникот Стевче Стевановски приреди прием за министерот за локална самоуправа Златко Перински и искажа јавна благодарност за континурана поддршка што ја добива надлежното Министерство, додека пак министерот Перински потврди дека сите почнати проекти навреме ќе се завршат.
-Имајќи ги предвид сите предизвици потребни за модерните текови на живеење, како и демографските предизвици, сметаме дека насушно е потребно на општините да им се стави на располагање механизам кој што ќе им обезбеди знаење, пракса и експертска поддршка во спроведувањето на дневните активности. Денес почнавме процес значаен за општините да имаат меѓусебна соработка и затоа отворивме процес за измени на законот за меѓуопштинска соработка со што ќе се зајакнат сите нивоа на локална власт, рече меѓудругото министерот Перински.
Со национална поддршка во Општина Новаци се реализира проектот „Инвестиции во унапредување на комуналната и патната инфраструктура во Пелагонискиот регион“ вреден 2,3 милиони денари, дополнително за Општина Новаци со програмата за регионален развој беа одобрени проекти за реконструкција на коловози во населените места Долно Агларци и Добромири, како и други проекти значани за општината која денеска слави 30 години локална самоуправа.
-Овие 30 години се симбол на заедништво, посветеност и љубов кон нашата татковина и нашата заедница. Нашите граѓани, вредните земјоделци кои секојдневно со посветеност ја обработуваат земјата, наставниците кои го градат знаењето на идните генерации, стопанствениците кои создаваат нови можности, како и младите луѓе кои носат нова енергија и идеи, сите тие се темелот врз кој се гради и развива нашата општина, истакна градоначалникот Стевановски на денешната свеченост во Општина Новаци.
Во рамки на свечената програма, претпладнево во Индустриска зона Новаци беше поставен камен теленик на нова фабрика за производство и преработка на здрава храна, инвестиција на бизнисменот Александар Талевски.
март 30, 2026

