Култура
Концерт на „The Young Gods“ во МКЦ
Швајцарското музичко трио „The Young Gods“ вечерва ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, во рамки на оф-програмата на музичкиот фестивал „Таксират“.
Пионерите на пост-индустрискиот панк и на електронскиот рок се враќаат пред македонската публика со самостоен концерт по 25 години. Со скопскиот настап, кој е дел од нивната обемна европска турнеја, бендот прославува 40 години постоење и го промовира својот 14. албум насловен „Appear Disappear“.
Како што е наведено во соопштението на „Password Production“, во текот на четиридецениската кариера, бендот извршил влијание врз музичките сфаќања на бројни артисти и групи, меѓу кои Дејвид Боуви, „U2“, Трент Резнор и „Nine Inch Nails“. Според фронтменот на бендот Франц Трајхлер, носечката нумера на новото издание го одразува нивниот однос со музиката и светот.
– „Appear Disappear“ зборува за местото на поединецот во денешното општество. Кога се чувствуваме во склад со светот околу нас, а кога повеќе не се усогласуваме со неговите вредности? „Appear Disappear“ исто така ја одразува и минливата природа на човечкиот живот во големата временска рамка. Оваа година се навршуваат 40 години од постоењето на нашиот бенд. „The Young Gods“ отсекогаш имале уникатен однос со музичката индустрија: во текот на овие четири децении бендот често исчезнувал – и повторно се појавувал, вели Трајхлер.
Како специјален гостин на концертот ќе настапи швајцарскиот оркестрален арт-поп ансамбл „Tout Bleu“. Авангардниот квартет на турнејата го промовира својот трет албум „You Are Tree“.
Влезниците за настанот се достапни преку продажната мрежа на „МкТикетс“.
март 14, 2026

