Connect with us

Култура

Средба на директорот на КИЦ во Софија, Пејковски, со бугарскиот диригент Камџалов

Директорот на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Зоран Пејковски, имал средба  со бугарскиот диригент со меѓународна кариера Јордан Камџалов.

Македонскиот КИЦ соопшти дека средбата се одржала во пријателска и креативна атмосфера, „исполнета со разговори за улогата на музиката, културата и уметноста како моќни двигатели на духовниот развој на општеството и како мостови што ги поврзуваат народите и културите“.

-Беа разменети мислења за значењето на културната дипломатија и за потребата од создавање нови простори за соработка и уметничка размена. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста од негување на вредностите што ги обединуваат луѓето преку културата и уметноста, особено во време кога креативноста и духовноста играат клучна улога во градењето на современото општество. Посебен момент од средбата беше гестот на маестро Камџалов, кој на проф. д-р Пејковски му ја подари својата книга „Звучни светови“. Делото претставува значајно сведоштво за неговиот уметнички и филозофски поглед кон музиката и животот, во кое тој ја разработува идејата за длабоката поврзаност меѓу музиката, филозофијата и науката. Преку ова дело Камџалов ја споделува својата визија за музиката како универзален јазик што ги надминува границите и ги обединува луѓето во заедничко духовно искуство, се наведува во соопштението. 

КИЦ во Софија наведува дека Јордан Камџалов се вбројува меѓу најзначајните диригенти на својата генерација и е широко признат на меѓународната музичка сцена.

-Неговата кариера е обележана со бројни успеси и соработки со реномирани оркестри и музички институции во светот. На само 30-годишна возраст тој стана првиот странец кој едногласно беше избран за генерален музички директор и главен диригент на градот Хајделберг во Германија, што претставува исклучително признание во светот на класичната музика. Неговата богата уметничка кариера се протега на три континенти, со настапи во некои од најпрестижните музички центри во светот, меѓу кои Берлин, Лондон, Цирих, Лос Анџелес, Токио, Бостон и Лисабон. Со својата работа тој придонесува за афирмација на класичната музика и за нејзино доближување до пошироката публика,  За својата исклучителна уметничка дејност Камџалов е добитник на голем број престижни меѓународни награди, меѓу кои Echo Klassik, Opus Klassik и наградата „Приз на музички критичари“. Неговото културно влијание е препознаено и надвор од музичките кругови – НАСА и Меѓународен астрономски сојуз му доделија име на астероид како признание за неговиот придонес кон културата и уметноста, соопшти КИЦ во Софија.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4