Општини
Хоџа: Со модернизација на регионалниот систем за отпад во Русино ставаме крај на импровизациите и трајно ги решаваме проблемите на граѓаните
Годинава, ќе се случува зелениот пресврт, што ќе се гледа на терен – во инфраструктурата, во стандардите и во резултатите – рече министерот за животна средина и просторно планирање Мухамет Хоџа на промоцијата на тешката механизација набавена во рамките на регионалниот проект за управување со цврст отпад во депонијата Русино, во близина на Гостивар. Тој во обраќањето посочи дека со оваа набавка почна реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот Регион.
– Со воспоставувањето на овој систем, конечно, ставаме крај на импровизациите и почнуваме трајно да го решаваме проблемот, кој со децении ги мачи граѓаните на Гостивар, Тетово и сите населени места во овој регион. Немаме повеќе време за делумни решенија што не решаваат ништо. Модерниот регионален систем за отпад значи крај на дивите депонии и почист Полог. Затоа, 2026 година е година кога зелениот пресврт ќе се гледа на терен – во инфраструктурата, во стандардите и во резултатите – рече Хоџа
Тој рече дека во тек е подготовка на проектна и тендерска документација за рехабилитација и проширување на депонијата Русино. Министерот Хоџа потенцира дека со заем обезбеден преку Европската банка за обнова и развој и со поддршка од SECO, WBIF и владата на Шведска преку СИДА почната е најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад.
На пригодната церемонија присуствуваа и повеќето градоначалници од Полошкиот Регион и раководители на комуналните претпријатија.
Амбасадорот на Швајцарската Конфедерација, Кристоф Зомер, во обраќањето на церемонијата напомена дека Швајцарија ги поддржува подобрувањата во услугите за управување со отпад во Полошкиот Регион.
– Остануваат уште неколку важни задачи за успешно да се заврши втората фаза од проектот. Најпрвин би требало техничката и тендерската документација за реконструкцијата на депонијата Русино да бидат изработени и работите да се подготват за тендер до септември 2026 година. Веќе во март 2026 година тендерот за работите на трансфер-станицата во Тетово би требало повторно да биде објавен. Уште една задача за март: тогаш ќе треба да се објави тендерот за набавка на камиони, контејнери и канти за целиот Полошки Регион – рече Зомер.
За подобрувањата во услугите за управувањето со отпадот во Полошкиот Регион, Швајцарија уште од 2018 година помогна со 1,9 милион швајцарски франци. Зомер посочи дека и сега го кофинансира проектот заедно со Европската банка за обнова и развој и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан со дополнителни 9 милиони швајцарски франци, со што, како што рече, се поддржуваат институционалната компонента и рехабилитациските работи за локацијата на депонијата Русино.
Градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, искажа голема благодарност за поддршката и напомена дека локалната самоуправа ќе помогне во подоброто управување со отпадот
– Оваа инвестиција претставува конкретен чекор кон подобрување на управувањето со отпадот во нашата општина. Со години депонијата Русино претставуваше предизвик поради високиот прилив на отпад и ограничените технички капацитети. Со оваа нова опрема ја зголемуваме оперативната ефикасност, го подобруваме еколошкиот надзор и го намалуваме ризикот од загадување на почвата, водата и воздухот – рече Лимани.
Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами, во обраќањето напомена дека опремата што се промовира денеска значително ќе го зголеми оперативниот капацитет на депонијата Русино и ќе овозможи спроведување еколошки практики според европските стандарди.
– Ова значи помалку загадување, побезбедна животна средина и подобар квалитет на живот за нашите граѓани. Како Општина Тетово, го гледаме овој проект како дел од поголема визија. Чисто Тетово не е само прашање на естетика. Тоа е прашање на јавно здравје, граѓанска одговорност и почит кон генерациите што доаѓаат – рече Касами.
Проектот за набвака на тешка механизација е реализиран со поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на Република Северна Македонија, Амбасадата на Швајцарија во земјата, како и со стратешко финансирање од Европската банка за обнова и развој.
февруари 19, 2026

