Хроника
Истрага против лице од Чучер Сандево за нелегално оружје и закани кон семејството
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради сомнение за сторено кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.
Според Обвинителството, осомничениот, на 13 јануари, во својот дом во Чучер Сандево, неовластено држел автомат „стен мкии“ кое на граѓаните им е целосно забрането, како и 71 куршум муниција со калибар 9 мм Para соодветна за испалување од тоа автоматско оружје.
„Оружјето и муницијата биле пронајдени во домот на осомничениот, откако неговата сопруга за тоа ги известила полициските службеници кои дошле во домот по пријава дека осомничениот и се заканувал нејзе и на нивните две ќерки родени 2006 и 2010 година дека ќе ги убие. Најпрво закани упатувал кон жената дека ќе ја запали, а потоа ја искршил покуќнината и со нож им се заканил и на ќерките. Поради ваквите дејствија со кои предизвикал чувство на загрозување и страв кај оштетените, тој е осомничен и за кривично дело – загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Поради опасност од бегство и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
јануари 16, 2026


