Connect with us

Скопје

Во завршна фаза целосната реконструкција на салата „Расадник“

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, изврши увид во градежните активности за комплетната реконструкција на спортската сала „Расадник“.

Како што информираат од општината, темелната обнова на оваа култна сала, која долги години беше оставена во руинирана состојба, се одвива со забрзана динамика. На реконструкцијата, која започна кон крајот на 2024 година и е финансирана од Министерството за спорт, ѝ претходеше комплексна правна постапка што целосно ја спроведе Општина Кисела Вода, вклучувајќи го и финансирањето и нарачката на проектот за целосна реконструкција.

-Денеска, заедно со министерот Борко Ристовски, направивме детален увид во тековните градежни активности во салата „Расадник“. Како локална самоуправа, Општина Кисела Вода, тогаш предводена од мојот претходник Ѓорѓиевски, ја водеше целата постапка, од правната подготовка до изработката на проектот, со што беа обезбедени услови овој процес да започне и успешно да се реализира. Задоволна сум од тоа што го видовме на терен и од степенот на досега извршените работи. Искрено сум му благодарна на министерот Ристовски за обезбедените средства од Министерството за спорт, затоа што токму ваквата силна институционална поддршка овозможува „Расадник“ конечно да се обнови и да го врати своето вистинско место во спортскиот живот на општината. Оваа сала некогаш беше дом на спортскиот клуб „Вардар“ и искрено се надевам дека повторно ќе го добие тој статус, затоа што „Расадник“ не е само објект, туку и емоција, традиција и симбол за многу генерации од Кисела Вода, изјавила градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

Вредноста на реконструкцијата изнесува 120 милиони денари. Реконструкцијата на салата треба да заврши до крајот на декември годинава, додека партерното уредување ќе биде завршено во текот на следната година.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3