Скопје
Ристески: Бараме исплата на плата, додатоци на плата и подобри услови за работа за вработените во ЈП „Паркови и зеленило“
Реализиравме уште еден протест пред ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје со цел да искажеме неисплата на плата за септември, како и неисплата на јубилејна награда, регрес за годишен одмор, новогодишен додаток, отпремнина за одење во пензија и помош на вработените на кои им починал близок член на семејството, изјави за МИА Горан Ристески, претседател на гранскиот Независен синдикат на државна администарција, каде членува синдикалната организација на Синдикатот на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје.
Тој информира дека дека имаат потпишано Спогодба со ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје со цел да не застарат побарувањата и да нема тужби. – Но, и покрај тоа тие продолжија со неисплаќање на она што е договорено со Спогодба. Ние потпишавме и Колективен договор на ниво на работодавач, кој исто така како репрезентативен синдикат на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје, но не се почитува. Платата за август се исплати на 1 октомври, рече Ристески.
Покрај протестот, Ристески соопшти дека имале прес-конференција пред еден од пунктовите на ЈП „Паркови и зеленило“, во Автокоманда, каде нема услови за работи. – Таму нема струја, нема на што да се грејат луѓето, прокиснува покривот, таму не е ставено камче откако е направен објектот, а тоа е 50 години. Секој од директорите, не само овој сега и претходните, да оставал по едно капче, тој објект и други слични на него ќе биле со подобри услови за работа отколку сега. Ние освен што бараме исплата на плата и додатоци на плата, бараме и подобри услови за работа. Како синдикат ќе продолжиме со понатамошната работа и со новиот градоначалник, најави Ристески.
Посочи дека денеска ги поканиле сите градоначалници во Скопје и кандидатите за градоначалници на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски и Амар Мециновиќ да извршат увид во условите за работа и состојбата во ЈП „Паркови и зеленило“, но никој не пристигнал. – Сакавме да ја увидат реалната состојба во самото претпријатие од друг агол. Не е само да прифатиш да бидеш градоначалник, туку да знаеш што те очекува, со што ќе се соочиш во текот на твојот мандат, вели Ристески.
Тој посочи дека попладнево има состанок Претседателството на синдикалната организација, кое ќе одлучи што понатаму.
– Денес е последен ден за од утре да почне штрајк. Ние како синдикат го известивме Министерството за економија и труд да назначи помирувач, арбитер меѓу синдикатот како претставник на вработените и ЈП „Паркови и зеленило“, но се уште ресорното министерство не го има именувано лицето кое ќе биде помирувач. Ние денес ќе предложиме наш помирувач со цел да знаат дека ние сме синдикат кој сака преговори, сака решавање на проблемите согласно закон за мирно решавање на споровите, појасни Ристески.
октомври 27, 2025

