Останати спортови
Шахистите на Алкалоид продолжуваат со максимален ефект на Европскиот клупски куп
Шахистите Алкалоид во петтото коло од Европскиот клупски куп што се игра на грчкиот остров Родос ја постигнаа и петтата победа. Тие го совладаа актуелниот шампион Нови Бор од Чешка со 4:2.
Победи за Алкалоид на првата и третата „табла“ со бели фигури постигнаа Арјун Григаиси и Ју Јангји, додека другите четири партии завршија реми. Половина поен за македонскиот првак освоија: Ју Веи (втора), Аравинд Читамбарам (четврта), Велимир Илиќ (петта) и Абимаи Пураник (шеста).
– Големото дерби привлече и големо внимание. Сите очекуваа нешто посебно и тоа навистина се случи. Наместо вообичаен меч на кој се води рововска битка за мала предност и се чекаат грешки, овојпат видовме многу оган на таблите, но и многу неочекувани варијанти и пресврти – вели ВМ Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Во денешното коло Алкалоид игра против Супершах од Романија. Воедно ова може да се оцени и како дерби и меч за шампионската титула бидејќи двете екипи во досегашниот тек на натпреварувањето имаат максимален ефект пет победи од пет мечеви.
октомври 24, 2025

