Скопје
Лабудовиќ: Центар ќе биде општина што ги слуша граѓаните, грижата за граѓаните и одржливиот развој ќе бидат во фокусот

Кандидатот за градоначалник на општина Центар од движењето ЗНАМ-За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, денеска порача дека настапува со визија за Центар како поуредена, зелена и инклузивна општина, каде што грижата за граѓаните и одржливиот развој ќе бидат во фокусот.
-Центар е повеќе од општина. Тој е енергија, приказна и начин на живот. Јас не сум дел од старата политика. Пред вас стојам со јасна визија и одговорност, изјави Лабудовиќ, нагласувајќи дека не ветува невозможни работи, туку план, посветеност и резултати.
Во својата програма, Лабудовиќ најави неколку клучни приоритети како што се здрави и вкусни оброци подготвени од нутриционисти, 24/7 физичко обезбедување во училиштата, бесплатни едукативни работилници и безбедни патеки до училиштата. Најави запирање на бетонизацијата, садење дрвја, создавање мини-паркови и игралишта.
За младите во Центар, кандидатот на ЗНАМ најави младински и културно-технолошки центар во адаптирани постоечки простории, каде младите ќе можат да создаваат и иновираат. Во неговата програма предвидена е и изградба на катна гаража во Буњаковец и воведување на дигитален систем за паркирање.
Лабудовиќ најави нов плоштад на заедништвото „Феникс“ и општинска зграда со над 300 подземни паркинг места, како симбол на новата енергија и заедништво.
-Центар ќе биде општина што ги слуша граѓаните. Ќе се бориме против бетонизацијата и ќе му ја вратиме зелената боја и убавината што му припаѓаат, рече Лабудовиќ, повикувајќи ги граѓаните на 19 октомври да ја поддржат програмата на ЗНАМ.
октомври 16, 2025