Скопје
Стојкоски и Николоски извршија увид во реконструкција на пат во Ново Село

Актуелниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров и кандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните локални избори, Александар Стојкоски, денеска, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски извршија увид на почетокот со реконструкција на патот којшто води од долниот дел на Ново Село до црквата „Св. Архангел Гаврил“.
Како што посочи Стојкоски, се работи за целосна реконструкција на пат со должина од 780 метри, финансиран преку Министерството за транспорт, во соработка со Светска банка и делумно кофинансирање од страна на Општина Ѓорче Петров.
— Се наоѓаме на локација пред црквата свети Архангел Гаврил во Ново Село, каде што започнуваме со работа на целосна реконструкција на патот којшто води од долниот дел на Ново Село до оваа локација. Патот е финансиран преку проект на Министерството за транспорт во соработка со Светска банка и делумно кофинансирање од страна на Општина Ѓорче Петров. Ќе биде со должина од некои 780 метри и целосно ќе ги задоволува стандардите за нормално изведување на сообраќајот, рече Стојкоски.
Упати благодарност до претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерот за транспорт, Николоски, нагласувајќи дека околу пет милиони евра се инвестираат во патна инфраструктура и дополнителни средства за доградба на училишта и градинки.
– Конечно жителите на овој дел на Ѓорче, дел којшто ни се развива, ќе имаат услови да возат по сообраќајница по сите можности и стандарди. Уште еднаш сакам да упатам благодарност до Владата, до премиерот Христијан Мицкоски, до министерот за транспорт за целосната поддршка што како Општина ја добиваме во изминатиот период. Само во Општина Ѓорче Петров, вредно да напоменам е дека 320 милиони денари или околу пет милиони евра се инвестираат во патната инфраструктура и дополнителни средства кои што ги добиваме од Владата по првите два повика кои се однесуваат на доградба на училишта и градинки, рече Стојкоски.

На истата локација во близина на црквата „Св. Архангел Гаврил“, додаде, ќе никне првата населба за млади на површина од 80.000 квадратни метри државно земјиште, каде се предвидени 170 локации за индивидуално домување.
– Веќе започнавме со изградба на инфраструктурата, денес започнуваме да го градиме патот, имаме канализација, имаме водоводна мрежа и сѐ што ни е неопходно за развој. Напоменувам дека се работи за државно земјиште, кое по пат на јавно наддавање младите ќе имаат можност да го купат по поволни услови. Понатаму, ние како Општина, бидејќи ова е дел од руралниот дел на Ѓорче Петров, целосно ќе ги ослободиме од плаќање на комуналии, како што ги ослободивме бранителите во првиот мандат од плаќање комуналии за домување до 100 квадратни метри на објект, така сега ќе направиме со младите. Ова ќе ни биде пилот проект, имаме и други локации каде ќе предвидиме изградба на вакви населби за домување на млади, рече Стојкоски.
Министерот за транспорт, Николоски, посочи дека целосната реконструкција на патот кон црквата „Св. Архангел Гаврил“ во Ново Село е дел од договорот на Владата со Светска банка за финансирање на изведба и реконструкција на локални патишта, со вкупна вредност од околу 15 милиони евра.
– Навистина е задоволство да се присутствува на почеток на овој проект, особено што води до една преубава црква, стара повеќе од 100 години. Со завршувањето на проектот, овој дел од општината ќе добие свој лик, свој нов лик, којшто ќе е во корист на жителите кои што тука живеат и секако ќе отвори можности други да доаѓаат тука да живеат, затоа што се работи за едно навистина прекрасно место. Улицата која ја работиме е дел од договорот којшто го имаме со Светска банка за финансирање на изведба и реконструкција на локални патишта, вредноста е некаде околу 14,3 милиони денари, а целокупниот проект е некаде околу 15 милиони евра и опфаќа бројни проекти на секој дел од државата. Ќе продолжиме да ја поддржуваме Општина Ѓорче Петров, тука имавме доста проекти и во првиот повик, и во вториот повик, рече Николоски.
октомври 16, 2025