Connect with us

Скопје

Ѓорѓиевски: Ќе го изградиме Скопје како град на науката, нови училишни згради за СУГС „Браќа Миладиновци“ и СУГС „Кочо Рацин“

Образованието е темелот на секој напреден град, основата врз која се гради просперитетот, иновацијата и иднината. Ако сакаме Скопје да биде вистински, европски град, мора да вложуваме во генерациите што доаѓаат по нас. Визијата за образованието што ја нудам преку мојата програма е визија за отворено, современо и хумано Скопје, град што им дава шанса на сите млади луѓе, без поделби по било каков однос. Во периодот што е пред нас ќе ја промениме сликата на образованието во Скопје, соопшти на денешната прес-конференција кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски. 

Тој најави дека во соработка со Владата ќе изградат две нови современи средни училишта, односно нова училишна зграда за СУГС „Браќа Миладиновци“ во Драчево и нов објект на СУГС „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров. Тоа, како што рече, ќе бидат модерни, дигитализирани и енергетски ефикасни објекти. 

– Пралаелно ќе спроведеме целосна енергетска трансформација на сите средни училишта. Секое училиште ќе добие фотоволтаици, нови фасади, термоизолација и паметни системи за следење на потрошувачката на енергија. Ќе ја намалиме потрошувачката и ќе ги унапредиме условите во училишта, изјави Ѓорѓиевски.

Информира дека ќе продолжи дигитализацијата на училиштата, ќе има брз интернет во секоја училница, смарт табли, проектори и дигитални содржини создадени од наставници и студенти.  – Ќе воведеме AI личен тутор, дигитален асистент достапен за секој ученик, кој ќе објаснува лекции, ќе помага во учењето и ќе ги заменува скапите приватни часови. Во неколку училишта ќе формираме AI лаборатории со 3D модели и интерактивни симулации за да овозможиме настава што е привлечна, динамична и блиска до новите генерации, појасни кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Планетариумот во МКЦ ќе стане центар за наука, култура и технологија, каде децата ќе учат за астрономија. Во секое училиште ќе се обезбедат прочистувачи на воздух, системи за климатизација и греење со ниска потрошувачка, ќе има зголемување на безбедноста во училиштата, програми за превенција од насилство, ангажман на училишни полицајци, видео надзор, едукации за ученици и родители.

Со програмата „Младински оброк“ ќе се обезбеди субвенциониран оброк за секој средношколец, преку Skopje City GO картичката. Ќе се воведат модерни униформи, што ќе бидат креирани заедно со средношколците, ќе се воведе бесплатнопатување низ Европа за превенците на генерација, за девојчињата ќе има обезбедено хигиенски производи во училиштата, а за секој ученик пристап до психолошка поддршка од стручни лица. Ќе се формираат училишни младински клубови за уметност, музика, театар и технологија, како и кариерни центри што ќе помагаат во избор на професијата и понатамошно образование. 

– Ќе го изградиме Скопје како град на науката, со современ центар за природни науки, техника и дигитални технологии, во соработка со универзитети и фондации. Тоа ќе биде место каде младите од целиот град ќе можат да експериментираат и истражуваат. Оваа програма не е само план за подобри училишта, ова е стратегија за подобро општество. Со оваа програма Скопје ќе стане град каде секое дете има шанса, секој наставник има поддршка, а во секоја училиница се креира подобра иднина за сите нас, потенцира Ѓорѓиевски.