Connect with us

Хроника

Филмска бркотница: Приведени две лица од Скопје кои се обиделе да избегаат од полициска патрола

Двајца осуденици на отпуст вчеравечер се лишени од слобода, откако се обиделе да избегаат од полициска патрола, по што излетале од патот кај населбата Нова Колонија, во близина на скопско Идризово, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„На 06.10.2025 година во близина на населбата Нова Колонија, полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, постапувајќи по план на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје ги лишија од слобода Н. А. (45) и А. Ј. (23) од Скопје“,велат од полицијата.

Според полицискиот билтен, двајцата осуденици на отпуст од КПУ „Идризово“ вчера околу 20:20 часот се движеле со патничко возило марка „ренџ ровер“ на улицата „Панче Неделковски“ во Скопје и не застанале на даден знак од полициска патрола, по што се дале во бегство.

Веднаш е организирана потера по возилото, кое се упатило кон обиколницата, а потоа кон регионалниот пат Скопје – Велес, каде е пресретнато од полицијата во близина на населбата Нова Колонија, кај скопско Идризово.

Во описот на настанот се вели дека полицајците со службено возило марка „мазда“ се обиделе да го престигнат „ренџ роверот“, но неговиот возач во два наврати удрил во полициското возило. Потоа, полициски службеник испукал предупредувачки истрели во воздух, но и покрај тоа, возачот на „ренџ роверот“ не застанал и продолжил да вози по патот. Сепак, во близина на населбата Нова Колонија возилото излетало од патот.

Во „ренџ роверот“ се пронајдени пет мобилни телефони, пари и клучеви од повеќе возила.

По документирање на случајот, како што велат од МВР, против приведените Н. А. и А. Ј. ќе бидат поднесени соодветни пријави.