Connect with us

Економија

Дурмиши од Тирана: Западен Балкан треба да стане конкурентен индустриски партнер на Европската Унија

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска во Тирана учествува на министерски состанок посветен на конкурентноста и економската конвергенција на Западен Балкан, во рамки на Планот за раст на Европската Унија. Во фокусот на разговорите е иницијативата „Single Market Highway“, насочена кон забрзана интеграција на регионот во единствениот европски пазар.

На состанокот, чиј домаќин е министерката за економија и иновации на Албанија, Делина Ибрахимај, учествуваат министрите за економија од шесте земји на Западен Балкан, како и Керстин Јорна, генерална директорка на Генералниот директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија (DG GROW) при Европската комисија.

Во своето обраќање, Дурмиши ја посочил важноста на регионалната соработка, индустриската трансформација и интеграцијата на домашните компании во европските синџири на вредност, како предуслови за одржлив економски раст и создавање поквалитетни работни места.

-Нашата амбиција треба да биде Западен Балкан да не се позиционира само како регион што нуди конкурентни производствени трошоци, туку како доверлив, иновативен и технолошки способен партнер во европските индустриски и синџири на снабдување – истакнал министерот Дурмиши.

Тој нагласил дека земјава е насочена кон премин од модел на економски раст базиран првенствено на ниски трошоци за работна сила и странски директни инвестиции, кон попродуктивна, иновативна, технолошки развиена и конкурентна економија.

Во таа насока, Дурмиши најавил дека во наредниот период ќе започне процесот на изработка на нова Индустриска стратегија, која ќе биде усогласена со најновите стратешки документи и иницијативи на Европската Унија, вклучително и Компасот за конкурентност и Договорот за чиста индустрија.

Тој посочил дека преработувачката индустрија има клучна улога во македонската економија. Во 2025 година таа учествувала со 14,4 проценти во бруто-домашниот производ, 19,6 проценти во вработеноста и 84 проценти во вкупниот извоз на земјата.

Како приоритетни сектори за продлабочување на соработката со Европската Унија, министерот ги издвои автомобилската индустрија и електромобилноста, електротехничката и машинската индустрија, информатичко-комуникациските технологии, обновливите извори на енергија, прехранбената индустрија и напредното производство.

-Европската интеграција е моќен инструмент за економска трансформација. Постепеното интегрирање во единствениот европски пазар, усвојувањето на европските стандарди и пристапот до европските програми можат да ја зајакнат конкурентноста и да создадат нови можности за нашите компании – нагласил Дурмиши.

Во рамки на дискусијата, министерот ја истакнали потребата од подобро искористување на европските финансиски инструменти за поддршка на малите и средните претпријатија, индустриската модернизација, автоматизацијата, иновациите, енергетската ефикасност и декарбонизацијата.

Дурмиши посочил дека иницијативата Single Market Highway треба да прерасне во практичен механизам за поврзување на домашните компании со европските производители, привлекување нови инвестиции, трансфер на технологии и отстранување на техничките бариери за пристап до европскиот пазар.

-Конкурентноста на секоја од економиите на Западен Балкан е сè повеќе поврзана со конкурентноста на регионот во целина. Регионалната соработка и европската интеграција не треба да ги гледаме како одделни процеси, туку како процеси што меѓусебно се надополнуваат и зајакнуваат – истакнал министерот Дурмиши.

Ad
Ad