Connect with us

Вести

Мицкоски: Законите за поевтини станови и куќи без комуналии за млади брачни двојки во декември влегуваат во собраниска процедура

Со два специјални закони, кои во декември ќе влезат во собраниска процедура, ќе се уредуваат мерките за купување стан со 20 отсто пониска цена од просечната или ослободување од комуналии за изградба на куќа за млади брачни парови до 35 години – информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на новиот објект во ОУ „Ацо Шопов“ во општина Бутел, претседателот на Владата појасни дека Министерството за транспорт и неговиот кабинет ги работат законите и оти од в година ќе почнат ефективно да се спроведуваат. 

– За првиот закон во кој брачните парови до 35 години ќе стекнат право да добијат станбен простор што ќе биде со 20 % пониска цена од просечната пазарна во таа катастарска општина во претходната година. Утрово разговарав и со директорот на Катастарот, тие изготвуваат таков тип анализа. За третиот квартал е завршена, го задолжив во текот на денот да ме информира каква е состојбата во првите три квартали од годината. Очекувам многу бргу да ја добијам оваа анализа и ќе можеме и јавно да објавиме каква е состојбата со катастарските општини онаму каде што има продадена новоградба на станбени единици. Понатаму граѓаните ќе може, односно оние што ги исполнуваат условите во согласност со критериумите, во иднина да си прават калкулации, планови и така натаму – истакна Мицкоски. 

За вториот специјален закон, во кој општините нема да наплаќаат комуналии за изградба на куќа за брачни парови до 35 години, информира дека голем дел од градоначалниците веќе стапиле во контакт со него со идеи да урбанизираат повеќе хектари земја, да ја парцелизираат и понудат за едно евро за квадратен метар.

– Убеден сум дека и овие два закони и овие две мерки ќе вродат со плод, практично ќе се интензивира и ќе се олесни домувањето кај овој профил брачни парови – истакна Мицкоски посочувајќи дека не гледа пречка мерката да биде прифатлива и доколку само едниот брачен партнер ги исполнува условите.

Премиерот уште еднаш потврди дека мерките нема да важат за немажени и неженети.

Ad
Ad