Connect with us

Вести

Мицкоски: Македонија испорачува реформи, очекувам на самитот во Брисел да се потврди дека местото на земјите од Западен Балкан е во ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија е најдобра во испораката на реформи во рамките на реформскиот процес за членство во ЕУ. Очекува на самитот ЕУ – Западен Балкан да се потврди она што досега е кажано – дека Западен Балкан е дел од Европа и дека процесот на негова интеграција во Европа многу бргу ќе стане реалност. 

Тој информира дека вечерва во Брисел ќе има состанок со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.

– Очекувам да се потврди она што досега е кажано, а тоа е дека Западен Балкан е дел од Европа и дека процесот на интеграција на Западен Балкан во рамките на Европа многу бргу ќе стане реалност за да може граѓаните од Западен Балкан, кои долго време заслужуваат да бидат на маса, навистина да бидат таму – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање што очекува од самиот во Брисел.

Тој вели дека не се согласува со ставот дека Албанија и Црна Гора одат пред нас на патот кон ЕУ. Смета дека Македонија испорачува реформи и оти е најдобра во тоа. 

– Па не би се согласил дека одат. Мислам дека не е баш така. Ќе се вратам на онаа моја изјава за автобусот што се ниша. Така во моментот личи нивниот пат. А ние испорачуваме реформи, ние сме навистина „фронтранери“ кога станува збор за реформската агенда. Не би го коментирал ставот на господинот (Герт Јан) Копман. Него го сметам за пријател на Македонија, тој има додадена вредност во процесот на испорака на реформите, кои се дел од реформската агенда. Ние високо го цениме неговиот придонес во рамките на овој процес. Многу бргу ќе имаме повторно работна видеоврска, на која уште еднаш ќе го прегледаме статусот за декемврискиот или полујануарскиот извештај – рече Мицкоски при посетата на општина Бутел.

Премиерот претпоставува дека со него ќе се видат во Брисел.

– Ние сме фокусирани на она што подразбира напредување врз основа на испорака на реформи. Билатералните прашања, за жал, се реалност што ја донесе претходната влада, но ние одбиваме да разговараме за билатерални прашања како пречка на нашиот пат кон полно зачленување во Европската Унија. Ние сме подготвени заедно со ЕУ, заедно со оние што имаат билатерални нерасчистени односи со нас, ако е потребно во рамките на овој процес, да седнеме каде било, кога било и на која било тема. За жал, како што гледам, од другата страна нема интерес, така што ние ќе си продолжиме да го испорачуваме она што е наша домашна задача – рече премиерот Мицкоски. 

Ad
Ad