Connect with us

Свет

При кибернапад преземени лични податоци на корисниците на сајтот на „Академија ЕУ“

Европската комисија ги предупреди корисниците на една од нејзините интернет-страници дека нивните лични податоци се компромитирани во голем кибернапад врз институциите на Европската Унија, кој се случил во октомври, при што била користена вештачка интелигенција.

Хакерите ја нападале интернет-страницата на „Академија на ЕУ“ (EU Academy), која нуди курсеви и информации за политиките на Унијата за граѓаните и поединците надвор од институциите на ЕУ.

Портпаролот на ЕК Томас Рејнирс изјави дека сè уште не е познат бројот на луѓе чии имиња и адреси на електронската пошта се украдени, додавајќи дека случајот е сè уште предмет на истрага.

ЕК минатата недела потврди дека на 22 октомври открила почетни, сомнителни активности во своите бази на податоци, поради што експертите за кибербезбедност презеле превентивни мерки за да ги ублажат понатамошните последици од нападот.

Рејнирс одби да коментира дали ЕК успешно ја запрела киберкампањата, која траела неколку недели.

На интернет-страницата на „Академија ЕУ“се наведува дека пристапот до платформата е привремено оневозможен и оти се преземени мерки за запирање на нападот и спречување на неговото понатамошно ширење.

Корисниците се советуваат да бидат внимателни во однос на сомнителни е-пораки, како и да не споделуваат лични податоци со никој што ќе ги контактира во врска со веб-страницата или нејзините активности.

Агенцијата „ЦЕРТ-ЕУ“ (CERT-EU) е одговорна за дигиталната безбедност на институциите на ЕУ, во кои работат приближно 40.000 луѓе, само во Брисел. Во соопштението објавено на 4 ноември, „ЦЕРТ-ЕУ“ предупреди на опасностите што ги носи алатката за вештачка интелигенција наречена „АРТЕКС“ (ARTEX). 

Ad
Ad