Свет
KOП31: Судирите не смеат да го одвлечат вниманието од дејствувањето во областа на климата
Војните и трговските спорови не би смееле да го одвлечат вниманието од борбата против глобалното затоплување, порачаа лидерите денеска на климатската конференција КОП31, додека преговарачите се подготвуваат за договарање нов договор со цел ограничување на климатските промени.
Турција, домаќинот на конференцијата КОП31, се обидува да ги поттикне другите земји во центарот на конечниот договор да ја постават целта за ширење на електрификацијата. Критичарите предупредуваат дека тоа можеби нема значително да придонесе за сузбивање на глобалното загревање доколку не постои појасен план за намалување на употребата на фосилни горива.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Европа ги остварува своите климатски цели, повторно потврдувајќи ја амбицијата Европската Унија да ја претвори во прв климатски неутрален континент во светот, во целост електрифициран.
Повеќе од 70 отсто од електричната енергија во Европа веќе доаѓа од чисти извори енергија, а тој удел и понатаму ќе се зголемува, изјави Фон дер Лајен на Самитот на светските лидери во рамките на Конференцијата на ОН за климата (КОП31) во Анталија.
Европската Унија до 2040 година сака да го удвои- на 46 отсто – уделот на електричната енергија во крајната потрошувачка на енергија, односно енергијата што се користи за греење, возење или напојување на апаратите во домаќинството, рече таа.
Фон дер Лајен ја поддржа целта на земјата домаќин на Конференцијата КОП31, Турција, според која до 2035 година електричната енергија би требало да изнесува 35 отсто од вкупната крајна потрошувачка на енергија во светот.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш им порача на светските лидери дека досегашниот бавен меѓународен одговор на климатските промени го доведе светот на пат кон уништување и оти е потребно брзо дејствување за тоа да се спречи.
Во извештајот на ОН, објавен минатиот месец, се наведува дека границата на загревање од 1,5 целзиусови степени, договорена со Парискиот договор, ќе биде надмината.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, чија земја беше домаќин на минатогодишната конференција, истакна на собирот дека климатските промени во меѓувреме паднаа во втор план на глобалната агенда.
– Повеќе зборуваме за оружје и царини отколку за опстанокот на идните генерации – рече тој, нагласувајќи дека планетата не смее да биде препуштена на милост и немилост на судирите.
Турскиот претседател Ердоган се приклучи на тој став.
– Војните, кризите, миграциите, гладот и сиромаштијата со секој изминат ден ја зголемуваат потребата од меѓународна солидарност – изјави тој.
Војната на САД и Израел против Иран ги наруши испораките на сурова нафта од Блискиот Исток и предизвика раст на цените на горивата ширум светот, што поттикна итна потрага по сигурни извори на снабдување.
Глобалното загревање падна на пониско место на листата на итни приоритети на некои влади, иако застапниците на климатските мерки истакнуваат дека токму новите околности одат во прилог на побрз премин кон чисти енергетски алтернативи.
Преговарачите од речиси 200 земји на Конференцијата КОП31 се обидуваат да постигнат договор за предлогот на Турција уделот на електричната енергија во глобалната потрошувачка на енергија до 2035 година да се зголеми од 20 на 35 отсто и повторно да се придвижат запрените напори за напуштање на фосилните горива.
Оваа година ја одбележа низа екстремни топлотни бранови ширум Западна Европа, како и уривање на ледник во Непал, кое предизвика катастрофална поплава.
САД, историски најголемиот светски емитер на стакленички гасови, втора година по ред не учествуваа во преговорите. Претседателот Доналд Трамп, кој глобалното загревање го нарече измама, ги повлече САД од климатската соработка откако се врати на функцијата.
Останатите земји од групата Г7 – Франција, Германија, Јапонија, Италија и Канада – оваа година не ги испратија своите највисоки функционери на преговорите.
– Најголемите светски економии би требало да го предводат одговорот на климатската криза, а не да им го препуштаат тоа на другите – изјави Мохамед Адов, директор на организацијата Power Shift Africa.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан им порача на учесниците на конференцијата дека неговата земја бара отштета за еколошката штета настаната како последица на нападите на САД и Израел.
– Очекуваме меѓународната заедница да воспостави вистинска и значајна врска меѓу климатските обврски во мирнодопски услови и одговорноста во воени времиња, да ја документира и процени еколошката штета предизвикана од воените агресии и да развие механизми за исплата на отштета – рече тој.
ноември 12, 2026


