Свет
Мелони: Нема да дозволиме анонимнa е-пошта да одлучува за училишниот календар
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека Италија нема да дозволи тактиките на застрашување да влијаат врз образованието на децата во земјата, откако околу 6.000 училишта денеска примиле е-пошта со закани за поставени бомби.
Стотици образовни установи од различни нивоа во градовите ширум Италија денеска беа евакуирани за полицијата да може да изврши проверки. Предвидено е училиштата утре да продолжат редовно со работа.
– Нема да дозволиме анонимна е-пошта да одлучува за училишниот календар на нашите деца – рече Мелони во видеопорака објавена на социјалните мрежи, по состанокот со клучните министри и безбедносни функционери.
Оваа најнова закана следува по кибер-нападите извршени минатата недела врз системите за ладење во супермаркетите, лажните дојави за бомби во авиони ширум Европа, вклучително и во Италија, како и објавувањето лични податоци на потпретседателот на владата и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, на „дарк веб“.
Министерот за нападите ги обвини проруските хакери и ги поврза со поддршката што Италија ѝ ја дава на Украина во нејзината борба против руските сили.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето претходно изјави дека, со оглед на алатките и средствата што денес се достапни, секој може да испрати е-пошта до училиште, градинка или авиокомпанија, тврдејќи дека е поставена бомба.
– Ова е дел од стратегија која стана јасна: целта е сеење терор или предизвикување вознемиреност – а тоа, за жал, е многу лесно да се изведе – нагласи Крозето.
Околу 6.300 училишта ширум Италија, како и повеќе од 700 во Шкотска и Северна Ирска, денеска примиле закани за бомби, според наводите на локалните власти.
ноември 12, 2026

