Вести
Студентите предлагаат дигитализација за правично и транспарентно сместување во домовите

Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ ја крена гласно потребата за реформи во студентските домови. Преку своите комисии за дигитализација и студентски стандард, тие упатија официјално барање до Министерството за образование и наука за воведување дигитализирано решение во процесот на сместување на студентите.
Иницијативата доаѓа по сериозните реакции на студентите оваа година, кои за да добијат соба во државен дом мораа да чекаат и по 12 часа, во услови што создаваа големи гужви, стрес и неповолна атмосфера за прием. Дополнително, студентските организации укажуваат на простор за субјективни одлуки и можни коруптивни практики при распределбата на собите.
„Бараме модерно, фер и транспарентно решение кое ќе обезбеди достоинствен третман на студентите. Дигитализацијата на процесот ќе ја намали можноста за манипулации и ќе ја зголеми ефикасноста во управувањето со домовите“, порачуваат иницијаторите.
Предлогот предвидува секој студент кој е примен во дом преку свој профил да испрати електронска покана до избран цимер, кој пак ќе ја потврди или одбие. По потврдата, алгоритам автоматски доделува соодветна соба, а на крај се објавува конечен список со соби и точно определени термини за вселување.
Со ваквиот систем, како што наведуваат од УСС-УКИМ, би се постигнале неколку придобивки: целосна транспарентност, елиминација на субјективно влијание, достоинствен и хуман прием, како и оптимално искористување на капацитетите на домовите.
„Оваа иницијатива е во согласност со националните политики за дигитализација и модернизација на јавните услуги и претставува одговор на реалните потреби на студентската заедница“, се нагласува во барањето, кое го потпишаа Ангела Василевска, Стефанија Милеска и Александар Николовски од Универзитетското студентско собрание.
Студентите очекуваат Министерството да ја разгледа иницијативата и да даде поддршка за воведување на новиот модел уште од следната академска година.
септември 25, 2025