Свет
Трамп најави можна средба со Шји и Путин во Кина за Иран, Украина и нуклеарното разоружување
Американскиот претседател, Доналд Трамп, најави можност за средба со кинескиот и рускиот претседател, Шји Џјинпинг и Владимир Путин, на Самитот на Азиско-тихоокеанската економска соработка (АПЕК) следната недела, на која би разговарале за војната во Иран и нуклеарното разоружување.
Пред заминувањето од Флорида за Вашингтон, Трамп потврди дека ќе учествува на Самитот на АПЕК во јужниот кинески град Шенжен, на 18 и 19 ноември.
Минатата недела „Фајненшл тајмс“ објави дека била разгледувана можноста за трилатерална средба на Трамп, Шји и Путин во рамките на форумот.
„Мислам дека една од средбите ќе биде со претседателот Путин и претседателот Шји. Ќе биде интересно. Ќе разговараме за многу прашања, вклучително и за нуклеарното разоружување. Се обидуваме да ставиме крај на војната во Иран“, изјави вчера Трамп.
Минатиот месец американскиот претседател изрази подготвеност за разговори со кинескиот и рускиот колега посветени на нуклеарното разоружување.
„Волстрит џурнал“ објави дека Путин, од своја страна, предложил на средбата да се разговара и за можностите за завршување на војната меѓу Русија и Украина.
„Верувам дека сме многу блиску до постигнување договор“ за завршување на руско-украинската војна, изјави Трамп во интервју за емисијата „60 минути“ на телевизијата „Си-Би-Ес“. Тој додаде дека како резултат на евентуалниот договор картата на Украина „ќе биде малку поинаква“, но не соопшти детали.
Претставници на Русија и Украина утре треба да започнат дводневни преговори во Абу Даби, со посредништво на САД.
ноември 9, 2026


