Свет
Јапонската премиерка вети дека ќе го реши прашањето за киднапираните граѓани во Северна Кореја
Јапонската премиерка Санае Такаичи денеска ја повтори одлучноста да обезбеди враќање на јапонските државјани кои Северна Кореја ги киднапираше пред повеќе децении, истакнувајќи дека нејзината влада продолжува да врши притисок врз Пјонгјанг за нивно ослободување.
На собир посветен на прашањето за киднапираните во Токио, Такаичи изрази незадоволство затоа што нема конкретен напредок откако стапи на функцијата, но порача дека не го променила ставот оти „по секоја цена ќе пронајде решение додека е на должност“.
Такаичи ја нагласи итноста за решавање на тоа прашање, посебно имајќи предвид дека семејствата на киднапираните во текот на 1970-тите и 1980-тите сè повеќе стареат.
На собирот присуствуваше и 90-годишната Сакије Јокота, чија ќерка Мегуми стана симбол на тоа прашање откако беше киднапирана во 1977 година, кога имаше 13 години.
– Речиси 50 години не успеав да ја вратам. Чувствувам неизмерна тага – рече Јокота, повикувајќи ги граѓаните на Јапонија да протестираат поради постапките на Северна Кореја и да го осудат нејзиното, како што наведе, непростливо однесување.
Такуја Јокота (58), помладиот брат на Мегуми и претседател на организацијата која ги претставува семејствата на киднапираните, рече дека средбата на лидерите на Јапонија и Северна Кореја е единствениот начин да се обезбеди враќање на сите киднапирани.
Јапонија официјално признава 17 свои државјани како жртви на киднапирања од страна на Северна Кореја, но се сомнева дека Пјонгјанг е вмешан во исчезнувањето на уште поголем број луѓе. Петмина од 17-те киднапирани, меѓу кои не беше Мегуми Јокота, беа вратени во Јапонија во 2002 година, но од тогаш не е вратен ниту еден граѓанин.
Пјонгјанг тврди дека прашањето за киднапираните е решено и наведува дека Мегуми Јокота извршила самоубиство во 1994 година.
На собирот, кој го организираа семејствата на киднапираните и организацијата за поддршка, присуствуваа околу 800 луѓе, а учесниците усвоија резолуција со која го повикуваат севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун да овозможи враќање на сите киднапирани во Јапонија.
ноември 9, 2026


