Connect with us

Вести

Агатангел: Велат Црквата само бара, но Црквата и дава, 15 години обезбедувавме топол оброк за луѓето што останаа без работа во транзицијата

Митрополитот повардарски Агатангел во интервју за емисијата „За македонските работи“ на телевизија Алфа говори за социјалната улога на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, помошта за сиромашните, транзицијата и последиците од затворањето на фабриките, но и за потребата од покајание и јавно извинување како услов за црковно помирување. Тој вели дека во најтешките години од транзицијата, кога стотици илјади луѓе останале без работа, во неговата епархија биле организирани три народни кујни во кои секојдневно се обезбедувал топол оброк за граѓаните.

Агатангел посочува дека во тој период во епархијата секојдневно доаѓале по десет до дваесет лица кои барале помош.

– Кога се продаваа фабриките, кога се одвиваше транзицијата, стотици илјади луѓе останаа без работа, на улица. Јас се сеќавам, тогаш секој ден по десет-дваесет души доаѓаа во епархија, бараа помош. Имав тогаш, држев две кујни, три, една во Ѓорче Петров, црквата, една во „Света Петка“ и една во Велес, три кујни држевме. Секој ден дававме топол оброк – вели Агатангел.

Тој додава дека поради малите простории, храната се делела во три наврати, за групи од по 30 до 40 лица, а оваа практика траела 15 години.

– Бидејќи немавме големи простории, на три пати делевме, 30-40 души. Тоа 15 години го правев. Али во тие најтешки моменти им помогнавме на луѓето и луѓето беа многу благодарни. Ова може никој не го знае, но еве сега го кажувам да знаат, оти велат Црквата само бара, но Црквата и дава – истакнува митрополитот.

Тој посочува дека и денес се активни народни кујни, меѓу кои две во Скопје, во Ѓорче Петров и во црквата „Света Петка“, како и кујната во Драчево, при црквата „Свети Спас“.

Осврнувајќи се на економските и општествените промени во земјата, тој вели дека Македонија е променета во споредба со периодот на транзицијата. Воедно, отворено посочува дека гласал за актуелната Влада и дека повторно би го дал својот глас за неа.

– Променета е. Овие за две години, две и колку, неколку месеци има како што е оваа Влада, гласавме за нив, и јас гласав за нив, нема ни да кријам и пак ќе гласам, затоа што со оние што се дружам, со оние во црква што се, јас постојано зборувам за Македонија, за македонскиот народ од Црквата – вели митрополитот.

Тој нагласува дека преку црковното делување сака кај луѓето да ја поттикне вербата во Христос, но и љубовта кон сопствената држава, Црква и народ.

– Начелно сакам на луѓето да им внесам во срцата и во душата верба дека Христос е нашето спасение. Но, ако си ја сакаме државата, си ја сакаме нашата македонска Црква, си го сакаме македонскиот народ, тогаш уште повеќе вратите на Царството Небесно ни се отвораат. Тоа е љубовта. Ако јас не го сакам мојот народ, кој народ ќе го сакам? – вели Агатангел.

Во интервјуто тој се осврнува и на, како што вели, појавата на луѓе кои се претставуваат како космополити, а притоа ја оспоруваат или не ја покажуваат љубовта кон сопствената земја и народ.

Во делот од разговорот посветен на односите во Црквата и можноста за помирување со оние со кои имало несогласувања, Агатангел вели дека простувањето е важно, но оти за обновување на заедничкото служење очекува јавно извинување и покајание.

– Видете, простено е. Но еве јас со нив уште немам служено, затоа што му реков и на владиката Јован и на другиве, на Марко, на Јоаники, на Давид, сè додека не излезат овдека кај тебе да дојдат и јавно да се извинат на македонскиот народ, да се извинат на архиепископот, на архиереите и на македонската Црква. Толку гнасотии, толку прљавштини, толку лаги, толку понижувања пишуваа, пишуваа, пишуваа, и некои гледам служат. Добро, нивно право е. Но јас барам тоа да го почувствувам, дека се покајале, вистински се покајале. Разбирате. Јас ако грешам и дојдам кај тебе, сум ти погрешил, вистински сум се покајал и доаѓам да ми простиш. Не може, ме оптоварува тоа. И барам прошка, а и да не ми простиш, јас веќе своето сум го направил, сум побарал, се смирувам, разбирате. Јас се смирувам, смирен сум, ти не ми простуваш, но јас сум го побарал од срце, од душа, тоа да го направам. Сум дошол, сум побарал прошка, ти не ми простуваш, но мојот духовник ќе ме разреши, разбираш. А они не излегоа да се… Им дадовме сè, сега бараат уште, бараат. Чекај полека, полека, до вчера кај бевте? – вели Агатангел.

Владиката ја истакнува својата верба во опстојувањето на македонската нација, држава и Црква, и покрај, како што вели, искушенијата со кои се соочувал и со кои ќе се соочува народот.

– Јас верувам дека верата во опстојувањето на нашата македонска нација, на нашата света македонска земја и на нашата света македонска Црква ќе опстанат. Може ќе има искушенија, разбирате. Но ние сме жилави, отрпнати сме на искушенија, а и многу жилави сме, можеме да издржиме, вели тој.

Агатангел прави паралела со историските страдања на Македонците, наведувајќи дека и покрај тешките услови, одземањето на имотот и иселувањето на членовите на семејствата, народот успеал да опстане.

– Ти 500 века со наведната глава да одиш и камшикот секој ден да го чувствуваш на грбот, разбираш, да ти ги иселуваат децата, сопругата, да дојдат и да соберат сè што имаш, што си собрал од полето, да можеш да презимиш, сè да ти соберат и пак да опстанеш да живееш. И пак тие ја сакаат, сакале од нас повеќе Македонија – вели митрополитот.

Тој посочува и на црковното градителство во минатото, кога, како што вели, и покрај сиромаштијата, луѓето успевале да изградат прекрасни цркви и да ги уредат со иконостаси и икони.

Според него, црковниот живот во тој период бил погоден за време на комунизмот и едноумието, но денес го радува враќањето на младите луѓе на дедовските и црковните огништа, како и нивната желба да ги обновуваат старите храмови.

– И еве сега одам по тие села кај што млади луѓе се вратени и им помагам да ги обновиме црквите сите. И восхитен сум од тие деца, се млади деца и восхитен сум со каква љубов сакаат да ја обноват црквата – вели митрополитот.

Ad
Ad