Connect with us

Вести

Николоски: Од 1 мај ќе сообраќа авиолинијата Тиват – Скопје, во опција се и Скопје – Подгорица и Тиват – Охрид

Од 1 мај ќе сообраќа авионската линија од Тиват до Скопје, која во почетокот ќе лета двапати неделно. Се размислува во блиска иднина и за отворање на авиолинии од Скопје до Подгорица и од Тиват до Охрид.

Со отворањето на оваа директна авиолинија владите на двете држави очекуваат зголемување на бројот на патници, но и раст на туризмот и на економијата.

– Она што пред 20 дена го разговаравме при нашата посета на Црна Гора се реализира. Оваа авиолинија се надевам дека сериозно ќе придонесе во зголемување на бројот на патници, но и зголемување на туризмот и на бизнисот. Се надевам дека оваа авиолинија ќе ја користат многу луѓе – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната заедничка прес-конференција со вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ. 

Иницијативата за воспоставување директна авиолинија меѓу Црна Гора и Северна Македонија произлезе за време на посетата на вицепремиерот Николоски на Црна Гора пред 20-ина дена. 

Николоски вели дека ова е прва авиолинија со Црна Гора и дека можностите се такви што во блиска иднина ќе се воспостават и другите две авиолинии.

– Политичка волја на двете влади беше да се воспостави директна авиолинија, а сега на авиокомпаниите останува да видат комерцијален интерес во тоа. Ова е само почеток, да видиме како ќе оди, но сигурен сум дека ќе разговараме и за другите авиолинии – рече Ивановиќ.

Ad
Ad