Connect with us

Вести

Ивановиќ: Процесот на проширување во ЕУ треба да биде врз основа на заслуги

Црна Гора се залага процесот на проширување во Европската Унија да биде врз основа на заслуги. Црна Гора ќе биде силна поддршка на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција затоа што сметаме дека ЕУ не може да биде комплетна без земјите од регионот – изјави вицепремиерот задолжен за надворешни и европски прашања на Црна Гора, Филип Ивановиќ.

Ивановиќ, кој е во дводневна работна посета на земјата, на заедничката прес-конференција со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, рече дека Црна Гора е предводничка во евроинтегративниот процес од државите во регионот и очекува во 2028 година да стане полноправна членка. 

– Членството не значи излез од регионот, туку поддршка и за другите држави од регионот и нивно членство. Црна Гора се залага процесот на проширување да биде по заслуги и ЕУ не може да биде комплетна без сите држави од регионот. Затоа многу бргу кога Црна Гора ќе стане полноправна членка на Европската Унија ќе биде силна поддршка и на Северна Македонија во нејзиниот процес на евроинтеграција, со желба што побргу да се најдеме заедно таму – порача Ивановиќ. 

Двајцата вицепремиери констатирале дека политичката соработка меѓу државите е одлична, без отворени прашања, што остава простор за соработка на сите други полиња. Разговарале и за интензивирање на економската соработка и договориле в година да се одржи бизнис-форум на компаниите од двете држави.

Во однос на патната инфраструктура, разговарано е за поврзување со пристаништето Бар во Црна Гора, што, според вицепремиерот Николоски, ќе се реализира преку веќе почнатата изградба на автопатот Скопје – Блаце. 

– Имајќи предвид дека имаме добро поврзување со пристаништето во Солун, градиме поврзување со пристаништето во Драч, со изградбата на овој автопат ќе имаме одлично поврзување и со пристаништето во Бар и на тој начин го правиме она што е најдобро за државата, а тоа е како држава што не излегува на море да имаме излез на најмалку три пристаништа – рече Николоски.

Двајцата вицепремиери се согласни дека најновите политички случувања во Србија не би требало да влијаат врз реализацијата на стратешките проекти. 

– Најдобар доказ дека промената на власта не влијае на овие големи проекти е она што ќе се случи во декември. Без разлика што се промени власта во Унгарија, на 13 декември ќе тргне брзиот воз, кој оди од Белград преку Будимпешта до Виена, така што тоа се проекти кои се стратешки приоритет во регионот и очекувам во таа насока и новата влада во Србија да продолжи да ја развива инфраструктурата затоа што Коридорот 10 е природен спој за нив до Егејското Море и не верувам дека би се откажале од тоа – рече Николоски.

Ad
Ad