Connect with us

Вести

ЦУК: Не го оптоварувајте бројот 112 со секојдневни проблеми, нечиј живот може да зависи од повикот

Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска апелира до граѓаните бројот 112 да го користат одговорно и исклучиво за итни случаи кога е неопходна неодложна интервенција на надлежните служби.

Од ЦУК информираат дека во изминатиот период е забележан голем број повици што немаат итен карактер, а се однесуваат на секојдневни проблеми, меѓучовечки недоразбирања, барање информации, административни прашања и други ситуации за кои не е потребна итна реакција.

Според Центарот, секој неитен повик го ангажира времето на операторите и ги оптоварува телефонските линии.

– Важно е да се знае дека секој неитен повик ги зафаќа времето на операторот и капацитетот на линиите. Во истиот момент на помош може да чека лице чиј живот или здравје е загрозен, жртва на насилство, учесник во тешка сообраќајна несреќа или граѓанин соочен со друга реална опасност – наведуваат од таму.

Тие потсетуваат дека на бројот 112 треба да се пријавуваат ситуации во кои постои непосредна опасност за животот, здравјето, безбедноста, имотот или животната средина и кога е потребна интервенција на полицијата, Итната медицинска помош, противпожарните служби или други надлежни институции.

– Доколку ситуацијата не бара итна реакција, обратете се до институцијата или службата надлежна за конкретниот проблем преку нејзините редовни контакт-канали – дополнуваат од ЦУК.

Воедно, Центарот апелира и до институциите, јавните претпријатија, компаниите и единиците на локалната самоуправа да не го наведуваат бројот 112 како општ контакт за информации, административни пријави, евидентирање материјална штета и други потреби што немаат итен карактер.

Од ЦУК нагласуваат дека бројот 112 не е информативна линија, ниту број за решавање секојдневни проблеми, туку единствен европски број за итни случаи и повикуваат линијата да остане слободна за граѓаните на кои секоја секунда им е важна.

Ad
Ad