Connect with us

Општини

Учесниците на „Ohrid TechAthlon 2026“ ќе развиваат бизнис-идеи до фаза на прототип и бизнис-модел

Развивање иновативни бизнис-идеи од почетен концепт до прототип и бизнис-модел е главниот фокус на настанот „Ohrid TechAthlon 2026“ што од 6 до 8 ноември ќе се одржува на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Учесниците под менторство на 20 искусни професионалци ќе работат на разработка на сопствени идеи, креирање иновативни решенија и нивно претставување пред стручно жири.

Настанот го организира „Охрид Тех Сити“ во соработка со Универзитетот, со цел поврзување на технолошките таленти, иноваторите и претприемачите, развој на практични вештини и зајакнување на стартап-екосистемот во Охрид и регионот.

Учеството е отворено за фриленсери, претприемачи, студенти, ученици, програмери, дизајнери, иноватори, истражувачи, академски работници и компании.

Програмата на настанот опфаќа хакатон за стартап-идеи, Бизнис-експо и Саем за кариера, на кои компаниите партнери ќе ги претстават своите активности и кариерни можности, како и практични работилници и менторски сесии посветени на современите технологии и индустриските трендови.

Поддршка и учество на настанот потврдиле повеќе од 10 партнери од бизнис-секторот и академската заедница, меѓу кои „Магна“, „Брејнстер“, „Волт“, „Талентир“, „Сервисеа“, УИНТ и „Хелветас“.

Во рамки на настанот ќе бидат презентирани и дел од проектите на Универзитетот SINFT и COPILOT.

Заинтересираните можат да се пријават и да ја погледнат програмата на www.ohridtechathlon.com .

Ad
Ad