Економија
Мицкоски за заемот од Унгарија: Направивме добар договор, не за мене, не за вас, за граѓаните
Половина милијарда евра од кредитот земен од Република Унгарија завршија да се врати еврообврзницата што е земена од претходната влада на СДСМ и ДУИ – посочи денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој одговараше на пратеничко прашање на што се потрошени парите од овој заем.
– Половина милијарда евра од тие милијарди евра заврши за еврообврзницата што владата на СДСМ и ДУИ ја зеде во периодот на корона-кризата, кога купуваа од „Стабри“ и се префрлала речиси 10 милиони долари за вакцини што никогаш не дојдоа. Патем речено, „Стабри“ не е веледрогерија од светски ков како „Фајзер“, туку станува збор за компанија што е позната за трговија со јужноамериканско овошје, ете таа требаше да го имунизира нашето население. Од Хонгконг со седиште во Дубаи, не треба многу да зборувам за Дубаи и како Дубаи е поврзан со претходната влада, и таму отидоа многу пари. Тие пари ние ги враќаме денес. Бидејќи во тој период некаде околу 11 % од бруто-домашниот производ (БДП) е зголемен и јавниот и државниот долг. Прво, беше поткупот на изборите, брутален, да држат дома, додека тие шетаат и поткупуваат, тоа беше прво, и, второ, нормално за лични потреби. Така што, половина милијарда заврши таму – рече Мицкоски од говорницата на македонското Собрание.
Тој појасни дека од заемот од Унгарија на македонските компании се дадени 250 милиони евра и, како што рече, „тоа денеска го зборува Државниот завод за ревизија, не ние, не ВМРО-ДПМНЕ, Државниот завод за ревизија“.
- Направена е ревизијата и во рамките на тој извештај е наведено каде завршиле тие пари. Значи, не завршиле во приватни џебови, туку завршиле онаму каде што е потребно, во македонските компании во циклус на инвестиции, кои потоа генерираат раст на македонската економија, нешто за што зборував претходно – рече Мицкоски.
Претседателот на Владата истакна дека ако се погледне кредитното портфолио, дали на домаќинства, дали на бизнисот, каматите се пониски во споредба со Германија.
- Повторно ќе има ботови што ова ќе го марат, повторно ќе има ботови што ќе ме исмејуваат, но треба само да влезете во народните банки на двете земји и ќе ви стане јасно или, пак, влезете во Европската централна банка и споредете ги маргините во Македонија и таму, не треба повеќе. Зборувам за кредитите што ги добиваат населението, домаќинствата и бизнисот. Резултатот од таа субвенционирана каматна стапка од 1,95 %, тоа кредитно портфолио, измешано со капиталот од банките, генерира ваков раст и тој раст ќе трае уште одредено време бидејќи инвестициите се голем дел, значаен дел во бруто-домашниот производ и ова ќе трае, барем уште два-три, можеби и четири квартали, ќе има сенка на тоа што го правевме пред една година, една и пол година, и тоа е успех. Тоа се вика успех – рече Мицкоски.
Тој потенцира дека преостанатата половина милијарда евра завршила во изградба на капитални проекти за општините.
- Преку финансирање проекти, со кои што граѓаните ќе добијат улица, паркче, игралиште, реновирано училиште или ново училиште, еве сега да речеме во Гази Баба почнавме ново училиште бидејќи старото беше уште од бараките по земјотресот во Скопје во 1963 година. Едночудо политичари поминале таму, инаку, патем речено, зборуваме за деветстотини ученици, не за мал број. Едночудо политичари поминале, ветувале, ветувале, ветувале, ништо не направиле. Еве дојде некој да направи модерно, одлично, супер училиште, градинки, градинки, да нема листа на чекање, нели целта на оваа Влада беше до крајот на мандатот да нема листа на чекање – посочи Мицкоски.
Како Влада, како што истакна, не правеле поделба на општините, односно не избирале каде повеќе средства ќе издвојат за проекти. Средствата се доделени еднакво за сите општини и, како што рече, само требало да имаат проекти.
- Имаше само една општина тогаш од опозицијата што сакаше со трик да подметне проект, кој веќе го дале на познат изведувач, па после тој сакаше во фаза на градба да го подметне тој проект, тоа не бидува така. Со трикови оваа Влада не работи. Освен тој, сè друго беше на најтранспарентен, најјасен начин дадено, не водевме сметка кому и како, важно ни беше бидејќи ние сме Влада што пледира да биде Влада на целата територија, да сработиме проекти на целата територија на државата и тоа го работиме. Тоа учествува во бруто-домашниот производ и она што мене ме радува е што компании од кај нас од дома, од Македонија, македонски компании, ги работат проектите и ако ги отворите огласите денеска, ќе видите колку компании од градежниот сектор бараат инженери, градежни, машински, електроработници, багеристи, кранисти и така натаму, тесари, арамирачи, ѕидари и слично – нагласи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски вели дека со реализацијата на капиталните проекти се зголемуваат и платите во градежниот сектор.
- Тоа е резултатот од овој унгарски кредит и од сè тоа што ние го сработивме со тој унгарски кредит – акцентира Мицкоски.
Посочи дека пред шест месеци опозицијата имала прес-конференција, иста таква како пред некој ден, каде што имало напади за некакви слуги на Орбан, а сега и за Вучиќ.
– Па го напаѓаат Иван, го гледам еве овде, а го бара и поддржува и под камен го молел, му коленичел да заокружи за името, каде не сè не го најдоа човекот, го молеа, аман за аман, Иване, и сега тие бесрамно наоѓаат да го напаѓаат човекот, бесрамно. Така и тогаш како и сега ми велат сега криминалите на Мицко ќе излезат, еве шест месеци нема, нема што да излезе. Ама излезе една работа за која ние зборувавме, за која јас не сакам многу да зборувам, не сакав да зборувам поради тоа што имам почит кон мојот пријател Виктор Орбан, а тоа е дека направивме добар договор, не за мене, не за вас, за граѓаните. Тоа беше целта затоа што оваа Влада работи за граѓаните, не за мене – рече Мицкоски.
Посочи и дека од страна на опозицијата во изминатите 20 месеци за трошењето на парите од заемот од Република Унгарија слушал невистини, лаги, навреди.
- Кога се одржаа изборите пред шест месеци во Унгарија, исто како и денес, не знам зошто и како, сите оние што коленичеа, особено кај нашиот северен сосед, денеска сè тоа го поврзуваат со мене. Но, во ред, и тоа го поврзуваат на тој начин што ме навредуваат, ме нарекуваат арамија, дека јас предводам организираната криминална група, сега ме направија и наркотрафикант, што сè не се изнаслушав покрај тоа што ми дадоа епитет дека сум идиот. Ама замислете, идиот да ве победи седум-осум пати на избори, тогаш треба да си го поставите прашањето – кој е вистинскиот идиот. Но, тоа ќе го оставиме за нив, не за нас – рече Мицкоски.
октомври 29, 2026

