Економија
Мицкоски: Во регионот сме држава со највисока стапка на раст на БДП и со најниска стапка на инфлација, сето тоа е резултат на владините политики
Владата води пробизнис и проекономска политика, а потврда за нејзините резултати се податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, според кои Македонија е држава со највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ во регионот и со најниска стапка на инфлација – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање по промоција на мобилната апликација „М.услуги“, Мицкоски посочи дека стапката на инфлација во земјата е за 25 проценти пониска од европскиот просек, што, како што рече, е резултат на политиките на Владата. Во исто време, како што нагласи, при инфлација од два до три проценти, во вториот квартал годинава е остварен економски раст од 4,3 проценти.
– Да, ние имаме пробизнис и проекономска политика што ја водиме како Влада и во таа насока ќе продолжиме. И Европската комисија, и Меѓународниот монетарен фонд, и Светската банка го потврдуваат тоа што ние како Влада го зборуваме, дека во регионот сме држава со највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ и со најниска стапка на инфлација. Односно, да бидам попрецизен, ако во минатото овие што денеска се опозиција, а тогаш беа влада, нè убедуваа дека стапката на инфлација во Македонија е двојно поголема од европскиот просек поради тоа што е увезена, денеска гледаме дека имаме за 25 отсто пониска стапка на инфлација од онаа што е европски просек, а тоа е резултат на политиките на Владата. А во исто време, кога имате стапка на инфлација помеѓу 2 и 2,5 проценти или помеѓу 2 и 3 проценти, да генерирате раст од 4,3 проценти во вториот квартал од оваа година, навистина претставува проактивна економска политика и политика што носи резултати – изјави Мицкоски.
Премиерот оцени дека состојбата во државата пред 28 месеци била исклучително тешка и дека Владата сè уште се справува со финансиските обврски наследени од претходниот период. За 2027 година, како што рече, треба да се рефинансираат или вратат заеми во вредност од 2,3 милијарди евра, а за 2028 година се планирани обврски од 2,7 милијарди евра.
– Состојбата во државата пред 28 месеци беше катастрофална. Ние не бевме на нула, ние бевме длабоко во минус. А тој минус допрва го плаќаме. За следната година треба да презапишеме или да вратиме заеми од минатото во вредност од 2,3 милијарди евра. Во 2028 година треба да презапишеме или да вратиме зајми од минатото со буџетски дефицит од 2,7 милијарди евра. Значи, само за две години треба 5 милијарди евра или да презапишеме или да вратиме заеми, кои се подигнувани во минатото. Најголемиот скок се зајми во 2020 година кога имавме на отворена сцена брутален поткуп за време на изборите во 2020 година – рече премиерот.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи да ги исполнува обврските и да работи на реформите, и покрај, како што рече, тешката финансиска состојба што ја наследила.
– Сето тоа го враќа оваа Влада, но нема да очајуваме. Тоа е што е, таква е ситуацијата, ќе се бориме, ракавите се засукани, ќе работиме на реформите и ќе го испорачуваме она што го наследивме како проблем создаден со децении. Тешко е, не е лесно. Живееме во време на услови на трета светска, тивка војна, енергетска, епски најголема криза што човештвото ја памети. Гледате војна во Украина, гледате во Европа што се случува, секој ден, нема метропола во која нема масовни протести. Гледате во соседството што се случува – истакна Мицкоски.
Според него, и покрај предизвиците, земјата е во состојба на која, како што рече, многумина може да ѝ позавидат. Тој најави дека Владата ќе продолжи да ја одржува и подобрува економската состојба оценувајќи дека таа е подобра во споредба пред три или четири години.
– Ние како држава имаме навистина состојба на која многумина може да ѝ позавидат и таа состојба ние ќе ја чуваме, ќе ја негуваме и ќе ја подобруваме. Не е идеално, не може да биде сѐ идеално, но многу е подобро од она што беше пред три или четири години. И убеден сум дека со оваа политика за три или четири години ќе биде многу подобро од тоа што е денес. Така што, продолжуваме да работиме за интересот на граѓаните, тоа е наша цел – рече Мицкоски
октомври 28, 2026


