Скопје
Општина Кисела Вода започнува со реализација на проектот „Безбедно домување“
Општина Кисела Вода започнува со реализација на проектот „Безбедно домување“, кој има за цел надминување на предизвиците со кои се соочуваат управителите на згради, куќните совети и заедниците на станари.
На неодамна одржаната работна средба со претставниците на куќните совети и заедниците на станари, на која покрај градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и општинските инспекциски служби присуствуваше и претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски, беше отворен отворен дијалог за сите потреби, предизвици и секојдневни проблеми од оваа сфера со кои се соочуваат граѓаните. Во фокусот на тогашната дискусија беа дефинирани неколку основни приоритети: редовната проверка и одржување на станбените и заедничките делови, противпожарната безбедност и проодноста на евакуациските патишта, брзата реакција и навременото пријавување оштетувања, како и почитувањето на Законот за домување.
Со цел институционално и ефективно надминување на отворените прашања во оваа сфера, отвораме специјална електронска адреса: bezbednodomuvanje@kiselavoda.gov.mk. Преку овој наменски канал ја унапредуваме директната комуникација со општинските инспекциски служби, овозможувајќи им на граѓаните, управителите и куќните совети уште поблиска соработка. Нашата цел е преку доследно почитување на законските можности, права и обврски, заеднички да воведеме поголем ред и сигурност во секој станбен објект.
-На минатонеделниот работен состанок со куќните совети и Регулаторната комисија за домување, ги детектиравме клучните предизвици, со јасна цел како локална самоуправа заедно со инспекциските служби да започнеме сеопфатен процес за ставање ред и надминување на сите отворени прашања во оваа сфера. Преку овој проект им овозможуваме на граѓаните и управителите директна комуникација со општинските инспекциски служби за побрза реакција на терен, со цел преку почитување на законските можности, права и обврски да обезбедиме поголема сигурност и ред за сите наши жители – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
октомври 28, 2026


