Култура
Две изложби од Загреб гостуваат во Скопје како продолжение на македонско-хрватската културна соработка
Македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот за занаети и уметности од Загреб ја продолжуваат културната соработка со гостување на две изложби во Скопје – „Менче Спировска – визуелни фасцинации со Загреб“ и „Арсовски – фотографи“.
Двете изложби минатата година за првпат беа претставени пред хрватската публика во Македонскиот КИЦ во Загреб, а нивното гостување во Македонија претставува продолжение на соработката меѓу македонските и хрватските културни институции.
Изложбите беа реализирани во рамките на програмата на Македонскиот КИЦ во Загреб, по повод одбележувањето на 145-годишнината од основањето на Музејот за занаети и уметности.
Изложбата „Менче Спировска – визуелни фасцинации со Загреб“ ќе биде отворена утре, 28 октомври, во 19 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ на Националната галерија. Таа за првпат пред македонската публика го претставува уметничкиот опус на една од значајните македонски графичарки, чии дела се зачувани во збирките на Музејот за занаети и уметности во Загреб, а се создадени за време на нејзиниот студиски престој во овој град.
Авторки и кураторки на изложбата се д-р Антонија Дошен и д-р Кораљка Влајо.
На 29 октомври, во 19 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Арсовски – фотографи“, посветена на досега недоволно познатото творештво на фотографското семејство Арсовски.
Како што е наведено во најавата, делото на семејството Арсовски претставува значајна врска меѓу македонската и хрватската културна историја. Авторскиот тим го сочинуваат м-р Татјана Ѓорѓиевска, Оливера Џартовска Тачевска и м-р Славица Христова од Музејот на град Скопје, како и д-р Ива Просоли од Музејот за занаети и уметности во Загреб. Кураторки се д-р Ива Просоли и Петра Галовиќ.
Изложбата е проследена со двојазична, хрватско-македонска научна монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“.
Директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, оценува дека гостувањето на двете изложби во Македонија ја потврдува мисијата на македонската културна дипломатија и стратешката определба на КИЦ во Загреб за воспоставување и развивање партнерства со релевантни хрватски културни институции.
„Гостувањето на двете изложби во Македонија, како продолжение на соработката меѓу Македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот на занаети и уметност од Загреб, ја потврдува една од клучните мисии на македонската културна дипломатија и стратешките определби на македонскиот КИЦ во Загреб за воспоставување и развивање партнерства со релевантни хрватски културни институции“, истакнува Ѓоргоска Илиевска.
Таа додава дека ваквите соработки придонесуваат за зајакнување на културните врски меѓу двете земји, размена на културни содржини, афирмација на македонската култура во Хрватска и на хрватската култура во Македонија, како и поголема видливост и вреднување на културното наследство и современото творештво на двете земји.
октомври 27, 2026


