Connect with us

Култура

Премиера на „Татко“ од Стриндберг – класичното дело во контекст на современите брачни и семејни односи

Во Културниот центар „Лабораториум“ во вторник (13 октомври) премиерно ќе биде изведена претставата „Татко“ од Аугуст Стриндберг, во режија на Нина Николиќ и продукција на „Перипетија продукција“. Публиката ќе има можност да види модерно читање на ова класично дело преку адаптацијата на текстот направена од Тамара Барачков.

Адаптацијата ја менува перспективата и конфликтот го става во контекст на современите брачни и семејни односи. Фокусот е на сложениот однос меѓу сопружниците надминувајќи ја едноставната поделба на жртва и сторител. Драмата ги истражува механизмите на моќ и контрола во интимните врски, како и начинот на кој психолошкото насилство во семејството постепено се развива, се нормализира и ескалира.

Современата адаптација ја менува и позицијата на женскиот лик – наместо да се обидува да ја докаже непредвидливоста на својот сопруг, таа бара институционална помош и заштита поради психолошкото насилство на кое е изложена. На тој начин конфликтот на Стриндберг отвора прашања што директно кореспондираат со современиот општествен контекст.

– „Татко“ не е приказна за судирот меѓу машкиот и женскиот принцип, туку приказна за луѓе заробени во деструктивен однос во кој недовербата, потребата за контрола и борбата за моќ постепено ја елиминираат можноста за дијалог. Претставата го отвора прашањето каде завршува конфликтот, а каде почнува насилството, но и прашањето за вината и одговорноста во врска што постепено доаѓа до точка на пукање – се наведува во најавата за претставата, која е поддржана од Министерството за култура на Кралството Шведска и Амбасадата на Шведска во Скопје.

Во претставата играат актерите: Саша Ханџиќ, Амернис Нокшиќи, Тони Денковски, Бојан Кирковски и Ирена Димеска. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата на Ивана Каранфиловска-Угуровска, а музиката на Оливер Јосифовски.

По премиерата на 13 октомври, „Татко“ ќе биде изведена и наредниот ден, 14 октомври, а следните изведби ќе бидат на 4 и 5 ноември и на 9 и 10 декември. 

По повод постановката и поддршката за оваа продукција, амбасадорот на Шведска, Ола Сулстром, изјави дека Аугуст Стриндберг е еден од највлијателните шведски драмски писатели и дека неговите дела и натаму поттикнуваат размислување за прашања што остануваат крајно актуелни и денес.

– Во Амбасадата на Шведска веруваме дека културата претставува моќен мост меѓу нациите создавајќи можности за дијалог, разбирање и посилни врски меѓу луѓето. Особено ни е драго што ја поддржуваме современата постановка на претставата „Татко“, која отвора важен простор за дискусија за родовите односи, динамиката на моќта, контролата и формите на психолошко малтретирање, кои може да ескалираат во родово базирано насилство. Шведска останува цврсто посветена на спречувањето и борбата против ваквото насилство и веруваме дека уметноста и културата може да одиграат клучна улога во подигнувањето на свеста, преиспитувањето на штетните норми и поттикнувањето значајни разговори кои придонесуваат кон поправедно и поинклузивно општество – нагласува Сулстром. 

Додава и дека во рамките на глобалната кампања „16 дена активизам против родово засновано насилство“, која се одржува од 25 ноември до 10 декември, Амбасадата на Шведска и „Перипетија продукција“ ќе ги поканат младите да присуствуваат на изведбата на претставата на 9 декември. По изведбата, ќе следува дискусија за родово базирано насилство и неговите последици врз поединците, семејствата и општеството, со цел да се поттикнат свесност, критичко размислување и дијалог за ова важно прашање.

Фото: Амбасада на Шведска во Скопје 

Ad
Ad