Општини
Прилеп со богата програма ќе го одбележува 11 Октомври и 85 години од Народното востание
Со богата едномесечна програма, од денеска до 3 ноември, Прилеп, градот херој ќе ја одбележува 85-годишнината од 11 Октомври, денот на почетокот на народното востание од 1941-та.
Богатата програма започнува од денеска кога стартува и јубилејниот 15-ти Џез викенд во Прилеп. Џез музичари од земјава до сабота, 3 ноември, ќе ја претставаат својата музика пред прилепската публика во киното при Центарот за култура „Марко Цепенков“.
На 4 октомври во големата сала од Центарот за култура е монодрамата со Тијана Дапчевиќ „Менопауза“. На 5 октомври, во Музејот „11 Октомври“ – Участакот е интерактивната работилница „Бегство од музеј“, а на 6 октомври е втората работилница „Детективи на минатото“.
На 7 октомври се повеќе настани. Во градската библиотека „Борка Талески“ ќе се одржат трибината „Јавното здравје кај младите“ и поетската вечер „Во пресрет на 11 Октомври“. Во Центарот за култура е премиерата на претставата на прилепскиот театар „Животинска фарма“, а во Участакот е драмската претстава за Душко Наумоски – „Херојот е мојот дедо“.
На 8 октомври, во галеријата од Центарот за култура „Марко Цепенков“ своите дела во заедничка изложба ќе ги претстави Друштвото на ликовните уметници на Битола, а во музејот „11 Октомври“- Участакот, е драмската претстава за академскиот ликовен уметник Борко Лазески, насловена „Студент е, прилепско дете“.
Од 8 до 10 октомври во центарот на Прилеп ќе се одржува „Фестивалот на медот“, а на 9 октомври е училишен перформанс „Формирање на македонското знаме“ на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“. Во градската библиотека е промоцијата на книгата на д-р Славчо Ковилоски „Спомени на прилепските револуционери“, а во киното „Мис Стон“ е проекцијата на филмот „До Балчак“.
На 9 октомври, во Участакот, по повод 85-годишнината од Народното востание, ќе биде промовиран каталогот на Завод и музеј, посветен на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участак. Вечерта во Центарот за култура, во киното „Мис Стон“ е „Слем полуфиналето“.
Во пресрет на празникот, на 10 октомври се бројни настани кои вечерта ќе се заокружат со Импровизираниот напад на градот, како и краток филм за нападот на 11 октомри 1941, како потсетување на историските настани на 11 октомври 1941 година и почетокот на Народното востание.
Преку денот се и меѓународниот традиционален турнир во џудо, изложба на дела на прилепските уметници во ликовната галерија од Центарот за култура „Марко Цепенков“ и посета на меморијалниот музеј „11 Октомври“.
На празникот, 11 Октомври почит ќе им биде оддадена на револуционерните дејци, на загинатите борци и на народните херои во Паркот на револуцијата, на Могилата на непобедените и во Алејата на народните херои. На 11 октомври ќе се одржат и крводарителска акција, меморијален турнир во шах и автомобилско шоу во центарот на Прилеп.
На 12 октомври на булеварот во центарот на Прилеп ќе се одржи техничко-тактички збор на АРМ – изложба на воена опрема и оружје и показни боречки вештини на специјалните единици.
Од 15 октомври до 3 ноември кога е и денот на ослободувањето на Прилеп се предвидени повеќе културни и спортски настани.
октомври 1, 2026
