Свет
Пет членки на ЕУ презентираа план за центар за депортација во Руанда
Пет земји членки на Европската унија во понеделникот претставија план за испраќање на одбиените баратели на азил во центар за депортација во Руанда, додека центристичките влади на Европа ги заоструваат политиките за имиграција во обидите да се спротивстават на растечката поддршка за крајната десница.
Германија, Австрија, Грција, Данска и Холандија веќе неколку месеци работат на договор за таканаречен „Центар за враќање“, како дел од пошироките напори во рамките на Европската унија за зголемување на бројот на депортации и ограничување на нелегалната миграција.
Групата од пет земји започнува преговори со разорената и осиромашена источноафрканската земја Руанда којашто се опоравува од граѓанската војна и геноцидот од втората половина на 1990-те, за формирање центар за депортација таму, објави австриската влада во понеделникот.
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер и неговата данска колешка Мете Фредериксен објавија дека овие преговори треба да бидат брзи за да можат првите депортации да се случат веќе во 2027 година, пишува Reuters.
Планот објавен во Виена следеше по одобрувањето на новата Регулатива на ЕУ за враќање , насочена кон забрзување на депортацијата на оние на кои им е одбиен азил.
„Сега сме подготвени да преминеме на поконкретни чекори. Мислам дека ова ќе ги промени правилата на играта и ќе ни овозможи да се соочиме со огромните предизвици на нелегалната миграција. Ќе ја вратиме контролата врз нашите граници“, рече социјалдемократската премиерка на Данска во Виена без да ги спомене причините поради кои е загубена таква контрола врз границите на ЕУ.
Во австриската престолнина, данската премиерка и австрискиот канцелар беа придружувани од министерот за внатрешни работи на Руанда и претставници од Холандија, Грција и Германија.
Се приближуваат избори во неколку земји во време на големо антиимиграциско расположение, па владите се под притисок да докажат дека можат да ја контролираат миграцијата, пишува Reuters.
Центрите за депортација можат да бидат многу видлив доказ за таа решителност, велат аналитичарите. Програмата потсетува на британскиот план за депортација во Руанда, кој на крајот беше напуштен, но се разликува по тоа што ќе се однесува само на мигранти кои ги исцрпиле сите законски средства за да останат во ЕУ, а не и на оние чии апликации сè уште се обработуваат.
Челниците на петте земји инсистираат дека нивниот план е во согласност со правото на ЕУ и меѓународното право. Но, застапниците за човекови права се прашуваат дали правата на мигрантите ќе бидат прекршени доколку бидат преместени во земја со која немаат никакви врски.
Советот на Европа, паневропско тело за човекови права, во јули предупреди дека центрите за враќање претставуваат „значајни ризици за човековите права“.
Четириесет ипет организации за човекови права, групи за помош и синдикати издадоа заедничка изјава во која ги повикуваат петте земји да го напуштат планот за Руанда, велејќи дека ниту правните гаранции ниту механизмите за следење не можат да го елиминираат ризикот од злоупотреба на правата и дека Руанда не ги исполнува стандардите за човекови права утврдени во новата Регулатива за враќање на ЕУ.
Европските претставници кои ги поддржуваат центрите тврдат дека наводно главната цел на мерката е одвраќање, а не масовни депортации.
ноември 17, 2026


