Свет
Унгарскиот парламент едногласно му го укина имунитетот на премиерот Петер Маѓар
Унгарскиот парламент, денеска, едногласно, со 139 гласа „за“ и без ниеден глас против или воздржан, му го укина имунитетот на премиерот Петер Маѓар, со што е отстранета правната пречка за продолжување на истрагата за инцидентот од 2024 година, соопшти унгарскиот медиум „Телекс“.
Унгарското оОвинителство минатата недела побара укинување на неговиот имунитет за да може истрагата да продолжи и доколку се исполнети законските услови, премиерот да биде сослушан во својство на осомничен. Случајот се однесува на инцидент од 21 јуни 2024 година во будимпештанскиот клуб „Еткерт“, каде што Маѓар е осомничен дека за време на конфликт со маж што го снимал му го одзел мобилниот телефон, а потоа го фрлил во Дунав по што телефонот бил пронајден со помош на нуркачи.
Постапката првично беше поведена додека Маѓар беше пратеник во Европскиот парламент, кој во октомври 2025 година го одби барањето за укинување на неговиот имунитет. По завршувањето на мандатот во ЕП во мај годинава, Маѓар беше избран за пратеник во унгарскиот парламент и за премиер на земјата.
Пред самиот чин на гласање Маѓар ги повика пратениците од неговата партија Тиса да го поддржат укинувањето на имунитетот.
– Не сум сторил никакво кривично дело. Одговорен сум за сите свои постапки, зборови и дела – порача Маѓар истакнувајќи дека нема причина да се повикува на пратеничка заштита.
Тој истовремено упати критики до Обвинителството тврдејќи дека се обидува неговиот случај да го стави во ист контекст со истрагите за повеќемилијардни корупциски афери поврзани со поранешни владини функционери. Маѓар и претходно ја нарекуваше постапката обид за политичка дискредитација, а Обвинителството ги отфрла таквите обвинувања.
Со одлуката на парламентот истрагата може законски да продолжи, но самото укинување на имунитетот не значи утврдување вина. Доколку биде поднесено обвинение, за вината на Маѓар ќе одлучува надлежниот суд.
септември 28, 2026
