Connect with us

Свет

Лавров: Турција може да ги отстапи руските системи С-400, но под одредени услови

Турција може да ги префрли руските противвоздушни системи С-400 во друга земја, но за таков потег ќе биде потребна согласност од Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Лавров, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, рече дека постојат повеќе можности за решавање на прашањето со С-400, но дека Русија ќе го разгледа секој конкретен предлог. Тој истакнал дека земјата во која би биле префрлени системите треба да се однесува одговорно и да има пријателски односи со Руската Федерација, пренесе синоќа турскиот весник „Дејли Сабах“.

Според Лавров, Москва сака гаранции дека по трансферот системите нема да бидат проследени до трета земја.

Турција ги купи руските системи С-400 во 2019 година, по неуспешните преговори за набавка на противвоздушни системи од западните сојузници. Набавката резултираше со американски санкции и исклучување на Турција од програмата за производство и набавка на борбените авиони Ф-35.

Анкара во меѓувреме се обиде да го обнови своето учество во програмата Ф-35, а прашањето за иднината на С-400 повторно се отвори по разговорите меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп.

Медиумите претходно објавија дека Турција ја разгледува можноста да ги продаде С-400 на трета земја, а како една од потенцијалните дестинации беа споменувани Обединетите Арапски Емирати.

Лавров како причина за барањето на Москва за гаранции ги наведе претходните случаи во кои, според неговите тврдења, европски земји набавувале оружје со ограничувања за негов понатамошен трансфер, а потоа го проследувале во Украина.