Connect with us

Технологија

Водечките луѓе во ВИ-индустријата предупредија на ризиците од неконтролираниот развој на вештачката интелигенција

Директорите на три водечки светски компании за развој на вештачка интелигенција (ВИ) вчера пред Советот за безбедност на Обединетите нации предупредија дека сè помоќните системи на ВИ наскоро би можеле дополнително да напредуваат и да се усовршуваат, и притоа да излезат од човечка контрола и станат закана за меѓународната безбедност.

Пред 15-члениот Совет за безбедност на ОН свои обраќања имаа тројцата најистакнати претставници на индустријата – извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, и коосновачот на „Хагинг фејс“, Клеман Деланг.

„Ако со вештачката интелигенција лошо се управува, верувам дека таа би можела дури да претставува ризик за човештвото во целина“, рече Амодеи од „Антропик“.

Владите настојуваат да утврдат како можат да ги надгледуваат системите на вештачка интелигенција, кои напредуваат побрзо отколку што регулаторите можат да ги следат.

САД и Кина, двата доминантни актера во развојот на ВИ, остануваат поделени околу тоа дали на технологијата ѝ е потребна глобална заштита или во најголем дел треба да им биде препуштена на пазарните сили.

„Ако вештачката интелигенција треба да биде демократска, најважните одлуки не можат да ги носат само лабораториите во Сан Франциско. Тие мора да се обликуваат преку демократски процеси и мора да ги носат владите кои им се одговорни на луѓето на кои им служат“, рече Алтман, нагласувајќи ја притоа потребата од „соработка на меѓународно ниво“.

„Во нашата историја имало периоди кога земјите кои меѓусебно се натпреваруваат и не се особено наклонети едни кон други сепак се здружувале поради заедничките интереси и колективното добро кога биле соочени со моќна нова технологија. Сметаме дека ова е таков период“, истакна тој.

„Опасностите се реални и непосредни“, посочи Јошуа Бенџо, Канаѓанецот кој важи за еден од „кумовите на вештачката интелигенција“ и копретседавач на Независниот меѓународен научен панел основан од Генералното собрание на ОН минатата година. 

„Овој Совет се соочува со невидена закана, со закана која ниту една од неговите членки не би ја избрала, која никој не може сам да ја стави под контрола и која не ги почитува границите што ние ги браниме“, рече тој.

Советот за безбедност првпат укажа на ризиците што ги носи ВИ во 2023 година, кога Кина порача дека технологијата не смее да стане „коњ што избегал од контрола“, а САД предупредија на нејзиното користење за цензура или репресија врз луѓето.