Connect with us

Политика

Мицкоски: На локалните избори ќе победи владината коалиција

На локалните избори ќе победи владината коалиција, изјави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју за Алсат М.

– Од тоа што го гледам во бројките и од анкетите, победува владината коалиција – нагласи Мицкоски.

Прашан за одлуката на Левица да оди на избори со свои кандидати во Тетово, Гостивар и Струга, со образложение дека не ја забораваат западна Македонија, тој кажа дека со тоа Левица ја спасува ДУИ.

– Во изборниот процес учествувате за да победите. Левица кажа дека не ја забораваат западна Македонија и ќе имаат кандидати во Тетово, Гостивар и Струга. Но, зошто и во другите општини во западна Македонија немаат свои кандидати. Ако знаете дека нема да победите, а кандидирате кандидат, тогаш сте или нефер кон кандидатот или имате друг политички договор вие да бидете прокси кандидат, а да победи некој друг – рече Мицкоски.

Тој се осврна и на тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат кандидат за градоначалник во Кичево, но не и во Тетово, Гостивар и Струга.

– Во Кичево мислиме дека ќе победиме, а во Тетово, Гостивар и Струга и во други општини каде сметаме дека не можеме да победиме и нема да имаме свој кандидат, и затоа ќе го поддржиме коалицискиот партнер, изјави Мицкоски.

Во однос на ДУИ тој ги отфрли тврдењата дека со критиките за криминал и корупција го крева нејзиниот рејтинг. Прашан дали по обвинувањата за криминал и корупција има приведени членови на ДУИ, рече дека има 20-тина кривични пријави против високи функционери на ДУИ, но зошто не се процесуирани и се на слобода за тоа одлучуваат обвинителството и судот, а не Владата.

Мицкоски потсети на неговата изјава дека ДУИ ќе оди во опозиција и тоа навистина се случи и тие веќе 15 месеци се во опозиција.

За обвинувањата дека за сè е виновна претходната власт, кажа дека тоа се луѓето кои седум години го уништуваа системот, ги клекнаа институциите на колена и го направија најголемиот грабеж во историјата, и тоа не може да се поправи за 15 месеци, иако оваа влада досега успеа да поправи многу.

– Не можеме наеднаш да поправиме се што со децении било уништувано. Направивме многу, а уште повеќе останува да се направи. Ние сме единствената влада која привела министер од сопствените редови, тоа не се случило никому, а знаеме дека голем е бројот на министри кои учествувале во такви девијантни однесувања во минатото. Ветувавме чесна и напорна работа, и тоа го правиме во изминатите 15 месеци. Нема скандали на грабеж, криминал, на висока корупција, како што имаше во изминатите години на дневна основа – изјави премиерот Мицкоски.

За тоа дали актуелната власт е одговорна, како што нагласи, ќе решат граѓаните на избори.