Connect with us

Свет

Трамп тврди дека би можел да го „реши“ судирот околу Фолкландските Острови

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека би можел да го „реши“ секој конфликт околу Фолкландските Острови, опишувајќи ја војната меѓу Обединетото Кралство и Аргентина како „потенцијална катастрофа“.

Американскиот претседател претходно навести дека можеби нема да ја поддржи сувереноста на Обединетото Кралство врз Фолкландските Острови доколку Аргентина изврши напад, а денеска повторно се вмеша во спорот за време на посетата на Даблин, пренесе ДПА.

Во разговор со новинарите додека седеше со ирскиот премиер Микеал Мартин, Трамп сугерираше дека Обединетото Кралство нема да биде „подготвено да патува толку далеку“ доколку Аргентина изврши инвазија на Фолкландските Острови како што направи во 1982 година, додавајќи дека тоа би траело „со недели со брод“.

– Не сум сигурен дека тие би го направиле тоа. Имаат мал проблем со имиграцијата. Имаат мал проблем со енергијата, а потоа имаат и некои други проблеми за кои треба да се погрижат – рече тој.

– Сигурен сум дека ќе бидам повикан во таа потенцијална катастрофа, но доколку го направат тоа, најверојатно ќе можам да го решам, да го израмнам тоа – додаде Трамп.

Коментарите на Трамп доаѓаат во услови на повторни тензии околу островите во јужниот Атлантик, чие население со убедливо мнозинство се изјаснува за останување под британска власт.

Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, сојузник на Трамп, го повтори барањето на својата земја за Фолкландските Острови во обраќањето на националната телевизија, велејќи дека островите „се нашата иднина“.

Неговата влада исто така воведе санкции за лица и компании вклучени во истражување на нафта околу Фолкландските Острови и соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против нафтената компанија Навитас Петролеум поради нејзините операции околу островите.

Британскиот премиер Енди Барнам во Долниот дом на парламентот во средата изјави дека Обединетото Кралство ќе биде „непоколебливо“ во одбраната на правото на жителите на Фолкландските Острови да бидат Британци.

Иако САД се официјално неутрални по прашањето за суверенитетот на Фолкландските Острови, Вашингтон и обезбеди поддршка на Британија во кампањата за враќање на островите по аргентинската инвазија во 1982 година.

Тоа ја предизвика Фолкландската војна, во која загинаа 255 британски војници за малку повеќе од 70 дена. Во војната исто така загинаа 655 Аргентинци и тројца жители на Фолкландските Острови.